ИНТЕРВЈУ
ГЕРАСИМ КУЈУНЏИЕВ, генерален директор на Еуроникел Индустри ДОО
“Веќе од 1 јули 2022 година во целост го запревме производството во Еуроникел Индустри, а целокупниот човечки капитал го насочивме кон ремонтни активности во периодот јули и август. Се надевавме и дека по завршување на летниот период ќе има некакви пазарни поместувања во позитивна насока која ќе ни овозможи враќање во нормален режим на работа, меѓутоа тоа не се случи, дури дополнително се влоши состојбата, со натамошен раст на цената на електричната енергија и останатите енергенси. Во една таква состојба каде што калкулациите покажуваат дека производната цена е далеку повисока од продажната цена, бидејќи никелот е стоков производ и цената се формира на берза, приморани сме да продолжиме со натамошно кратење на трошоците, поради што веќе од средина на месец септември започнавме и принуден платен одмор на вработените. Да се зборува за рентабилност, профитабилност и извоз е имагинарно, бидејќи во овој момент сите наши сили и ресурси се насочени кон опстанок, вели Герасим Кујунџиев, генерален директор на Еуроникел Индустри во интервјуто објавено во специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ.
Еуроникел Индустри е втор најголем извозник во Македонија и како најголем потрошувач на електрична енергија во земјава е силно погоден од високата цена на струјата. Како тоа се одразува врз производствениот процес и што ќе значи за идното работење на компанијата?
Кујунџиев: Еуроникел Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, кој уште од 2007 година, кога започна либеризацијата на пазарот на електрична енергија, во целост ја увезува истата по берзански цени. Самиот производен процес на никел е „енерго-интензивен“, односно најголем удел во производните суровини има електричната енергија, а потоа и другите енергенси како лигнит, кокс, мазут и други нафтени деривати. Имајќи го ова во предвид, како и фактот дека уште септември-октомври 2021 година, цената на електричната енергија започна да расте и до денес не застана, туку бележи невидени рекорди, при што на моменти цената се искачи и на 1.000 ЕУР/MWh, јасно е дека компанија како нашата се соочува со сериозни предизвици.
Првите шест месеци од 2022 година ги пребродивме успешно единствено благодарение на превземени заштитни механизми во вид на хеџирање, кои исто така носат и големи ризици, но во нашиот случај се покажаа како одлични одлуки. Меѓутоа, со експлозијата на цените на електрична енергија и сите други енергенси во втората половина од годината и таквите механизми станаа недоволни заради што бевме приморани времено да застанеме со производниот процес и да започнеме плански ремонти, со цел да ги намалиме загубите и да го надминеме овој крајно неповолен период.
Ваквата состојба значајно ја намалува нашата конкурентност, а предизвикува и губење на пазари заради повеќе причини.
Имено, енергетската криза е пред сè европски проблем, тоа значи дека производителите на никел во Кина, Канада, Австралија, Бразил, го немаат тој проблем и тие и понатаму непречено произведуваат и заработуваат, што не е случај и со нас, бидејќи при вакви цени на електрична енергија, производство е невозможно, зашто само ќе се генерираат огромни неповратни загуби.
Инфлацијата и цените на енергенсите се на рекордно високо ниво. Истовремено, поскапени се речиси сите трошоци и суровини за производството. Како оваа ситуација се одразува врз работењето на компанијата и какви промени и потези преземате во управуавањето со компанијата за полесно да се надмине овој кризен период?
Кујунџиев: И покрај крајно неповолните економски состојби предизвикани од цената на енергенсите како што се електричната енергија, гасот, јаглените, нафтата и нафтените деривати, во првата половина од 2022 година, се справивме со претходно имплементирани заштитни механизми од ценовни шокови. Меѓутоа, и тие механизми се ограничени, односно нема краткорочни алатки кои ние како компанија би ги имплементирале, за да овозможиме непречено и конкурентно производство и пласман на нашиот производ.
Ваквата состојба налага целисходни национални решенија што би се примениле за целокупната индустрија, зошто исклучително е важно да се земе предвид дека базната индустрија како нашата е таа што го „врти економското тркало“ на државно ниво.
Мора да се интегрираат механизми на поддршка на големата индустрија, бидејќи таа ги креира работните места, ја полни државната каса и на тој начин овозможува економски опстанок. Од наша страна, како компанија, во изминатата година дена, веќе ги исцрпивме сите можни внатрешни ресурси, до степен и во целост да се застане производството, за да се спречат загуби кои се закана за опстанокот на долг рок.
Кои се проценките и очекувањата за периодот што следи за работењето на Вашата компанија, индустријата во која работите и економијата во целост? Дали очекувате прекини во производниот процес, намалување на производството и бројот на вработени, влошена ликвидност и профитабилност, зголемено задолжување, зголемување или намалување на извозот…?
Кујунџиев: Всушност, во оваа ситуација неопходни се мерки за поддршка. Веќе од 1 јули 2022 година во целост го запревме производството во Еуроникел Индустри, а целокупниот човечки капитал го насочивме кон ремонтни активности во периодот јули и август. Се надевавме и дека по завршување на летниот период ќе има некакви пазарни поместувања во позитивна насока која ќе ни овозможи враќање во нормален режим на работа, меѓутоа тоа не се случи, дури дополнително се влоши состојбата, со натамошен раст на цената на електричната енергија и останатите енергенси. Во една таква состојба каде што калкулациите покажуваат дека производната цена е далеку повисока од продажната цена, бидејќи никелот е стоков производ и цената се формира на берза, приморани сме да продолжиме со натамошно кратење на трошоците, поради што веќе од средина на месец септември започнавме и принуден платен одмор на вработените. Да се зборува за рентабилност, профитабилност и извоз е имагинарно, бидејќи во овој момент сите наши сили и ресурси се насочени кон опстанок.
Еуроникел е втор најголем извозник во земјава. Велите дека производството со вака скапи енергенси станува невозможно и дека од јули е во прекин. Дали има ризици Еуроникел да престане со работа на подолг рок? Што значи тоа за вработените, локалната и целата економија, бидејќи сепак придонесот е навистина голем?
Кујунџиев: Во овој момент невозможно е и крајно неблагодарно да се прават прогнози. Факт e дека секој инвеститор ќе направи сè за да ја заштити својата инвестиција и ние тоа веќе го правиме подолг период, но, пак, доаѓаме до моментот дека нашите внатрешни ресурси се веќе исцрпени, зашто ние три месеци по ред финансираме плати, одржување на агрегатите во топла состојба, а сето тоа чини милиони на месечно ниво, а притоа нема производство и немаме приходи. А проблемите со кои се соочуваме се целосно надвор од наша контрола. Ние немаме начин или механизам како да влијаеме на цената на струјата денес, тоа е поширок европски проблем. Единствено може да работиме, а тоа и го правиме, како за во иднина да обезбедиме сопствени извори на снабдување со електрична енергија, како што е примерот со соларни електрани, но таквите решенија бараат повеќе време и се дополнително обременети со долги и комплексни легислативни процедури, кои воопшто не се од помош во моментот.
Всушност, ваквата вонредна ситуација, налага не само прогласување кризна состоја за државата да може брзо да носи одлуки и решенија, туку и самите процедури кои се однесуваат на енергетски проекти, од урбанизација на земјиште до инсталација на фотоволтаици или други видови агрегати за производство на струја, треба да се водат по скратени постапки, ако сакаме да ни преживее индустрија, зашто единствено индустриското производство ја одржува домашната економија.
Какви мерки и политики за поддршка од страна на Владата и државните институции би помогнале во овој период за полесно да се надмине претстојнатаекономска и енергетска криза?
Кујунџиев: Првата работа е што мора да се интервенира со субвенционирање на цената на електрична енергија по примерот на соседните држави како што се Грција, Бугарија, Србија, Романија, Чешка и сите други кои веќе подолг период обезбедуваат електрична енергија за сопствената индустрија во опсег од 80 до 200 евра за мегават час и на тој начин ја одржуваат домашната економија и ја задржуваат меѓународната конкурентност, како и своите удели на меѓународните, но и на домашните пазари. Во спротивно нашето, односно домашното производство, без разлика дали се работи за леб, млеко, лекови или никел, ќе биде исклучително скапо и неконкуретно, поради што обичниот граѓанин ќе посегне по поевтиниот, а тоа би бил увезениот производ. Тоа значи губење на пазари, губење на деловни, но и буџетски приходи, губење работни места, целосен економски крах. За самото субвенционирање, да ја чини државата што е можно помалку, неоходно е во целост да се искористат сите домашни капацитети за производство на ел. енергија, што за жал не беше случај во сите изминати месеци. Оваа енергетска криза уште еднаш покажа колку малку се вложувало во енергетскиот сектор. Сега веќе сите ги зафаќа „соларна треска“ каде што и компаниите и домаќинствата брзаат да изградат сопствени капацитети, едни заради сопствени потреби, други заради искористување на овој поволен период за производителите и трговците на ел. енергија. Меѓутоа ова укажа на уште една институционална слабост, како во делот на Законот за енергетика која се однесува на обновливите извори, така и во делот на Законот за урбанизам, каде постапките на урбанизација и пренамена на земјиште за енергетски инвестиции се толку бавни што компаниите се оневозможени навреме да си помогнат со сопствени инвестиции. Во една ваква кризна состојба потребни се брзи решенија и интервенции во сите процедури и постапки кои ги забавуваат и оневозможуваат инвестициите во енергетскиот сектор, кои сега значат опстанок за компаниите. Има и низа други помали мерки, како намалување на бројни давачки во кои моментално се гуши македонското стопанство, а со застанување на производните процеси нема воопшто и да ги плаќа, меѓутоа клучни се субвенционирањето на електрична енергија и поедноставување и максимално забрзување на постапките за урбанизација и финализација на енергетските инвестиции.
Постпандемиското заздравување, но и војната во Украина предизвикаа големи проблеми во синџирите на снабдување. Дали и со какви проблеми се соочувате во логистичкото работење и какви промени се прават за да се надминат овие проблеми?
Кујунџиев: Војната во Украина предизвика значајно поголеми логистички проблеми, пред сè заради санкциите против Русија, мораа да се отвараат нови и значајно поскапи, подолги, а побавни транспортни рути, нови добавувачи и секако сето тоа по многу повисоки цени. Сепак, она што најмногу нè погодува е цената на чинење на логистичките операции, кои исто така зависат од цената на енергенсите, односно нафтата и нафтените деривати, како и од обемот на понудата на овие услуги.