Индустриското производство во април бележи пад од 33,5% во споредба со истиот месец минатата година. Април беше месецот во кој речиси целата економија работеше со намален капацитет, а некои големи фабрики и го прекинаа производството, заради мерките преземени против ширење на корона вирусот во земјава и во целиот свет.
Статистичките податоци покажуваат дека најголем пад во април има кај производството во преработувачката индустрија, која учествува со 76,5% во вкупното индустриско производство. Податоците покажуваат дека индустриското производство во преработувачката индустрија во април бележи пад од дури 40,5%.
Во април само три сектори од преработувачката индустрија имале раст на производството, додека останатите 20 сектори имаат намалување на производството. Производството на фармацевтски производи (кое учествува со 2,91% во вкупното производство) е зголемено за 27,3% во април. Производството на производи од пластични маси (учество од 2,24%) има раст од 5%, а двојно поголемо производство имало и во секторот за производство на останата опрема за транспорт.
Но, во оделни сектори кои не работеа две до три недели во април падот на производството е многу поголем и се движи од над 60%, па и над 80%.
На пример во секторот производство на машини и уреди (кој учествува со 8,86% во вкупното индустриско производство) во април има пад на производството за 88,7% во споредба со истиот месец лани.
Во секторот производство на моторни возила (кој учествува со 12,33% во индустриското производство) производството во април е намалено за 71,4% во споредба со истиот период лани.
Производството на електрична опрема (учество од 4,53%) е намалено за 69,6%. Голем пад од дури 70% има и кај производството на кожа и кожни производи. Производството на текстил бележи пад од 62,5%, а производството на облека е намалено за 44,7%.
Голем пад од 42,1% има кај производството на пијалоци, додека производството на тутунски производи е намалено за 26,3%.
Производството на мебел е намалено за 41,8% во април, а во секторот преработка на дрво падот е 36,6%.
Релативно помал пад на производството од 2,6% има кај производството на метали, кај производството на прехранбени производи каде има намалување од 4,4%, кај производството на фабрикувани метални производи каде има намалување од 7,5% во споредба со истиот период лани, додека во секторот производство на хемиски производи намалувањето е само 0,3%.
Производството во рударството во април е намалено за 17%, а снабдувањето со гас и електрична енергија бележи пад од 1,09%.