Паничното купување и трупање на залихи од храна, како и затворањето на границите кои создадоа проблеми при транспортот на прехранбени производи како резултат на мерките за борба против корона вирусот ја извадија на површина зависноста на многу земји од глобалните ланци за снабдување на храна и од увоз на храна.
И покрај напорите да се обезбедат зелени коридори за непречен транспорт на храна низ Европа и регионот, многу ланци за снабдување на храна во светот беа пореметени, а многу земји се соочија со празни полици и проблеми за редовно снабдување со одредени прехранбени производи. Многу приозводни прехранбени компании заради затворените граници имаа проблеми навреме да ги обезбедат суровините и да ја задоволат зголемената побарувачка за одредени производи, а фармерите низ Европа се соочија со недостиг на сезонски работници за да се соберат плодовите од нивите.
Во некои земји, па дури и во најразивените и оние најгласните проповедници на глобализацијата, во последно време се погласни се повиците за протекционистички мерки во делот на земјоделието и државна поддршка за зголемување на локалното производство на храна со цел да се обезбеди поголемо задоволување на потрошувачката на храна преку домашно произведени производи и да се намали зависноста од увоз на храна.
Во многу земји затворањето на границите и ограничувањето на движењето поттикна страв кај луѓето од недостаток на храна и резултираше со зголемена потрошувачка на домашно произведени производи од едноставна причина што тие беа подостапни и полесно стигаа до потрошувачите.
Но, затворањето на границите предизвика и проблеми со навремениот извоз на свежи производи, па во многу земји за да се спасат локалните производители на храна се поттикнуваат иницијативи за поголемо купување на домашни производи.
Соседна Бугарија дури донесе мерка со која на големите трговски ланци им се наложува 50% од свежите производи во маркетите да бидат обезбедени од локалните производители на земјоделски производи.
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) неодамна предупреди дека следниве два месеци се можни недостатоци во снабдувањето со храна и зголемување на цените.
“Проблемите во снабдувањето со храна се резултат на мерките за изолација и недостаток на работна сила. Тие проблеми веќе се видливи во производството на месо, овошје и зеленчук, каде може да се очекува и зголемување на цените. До забрзано зголемувања на цените може да дојде и заради забраните за извоз на одредени артикли, кон што прибегнуваат се поголем број на земји”, предупредија од ФАО и потенцираат дека најпогодени земји од овие промени би биле земјите кои се зависни од увоз на храна
Македонија е меѓу земјите кои за голем дел од храната и некои основни прехранбени производи е зависна од увоз.
Во годините наназад полесно и поефтино беше храната да се увезе отколку да се произведе дома. Погрешните политики во земјоделието, но и во поглед на централизацијата на сите активности кон главниот град Скопје, придонесоа се помалку луѓе да сакаат да се занимаваат со земјоделие и производство на храна и добиток, па со текот на времето станавме далеку позависни од увоз и за основните производи кои пред неколку децении сме ги задоволувале од домашно производство.
Иницијативите за купување на домашни производи се добри и корисни, но во суштина можат малку да помогнат за да се намали нашата зависност за храна од увоз. Македонија може да произведува повеќе храна, но тоа не може да се случи преку ноќ, ниту, пак, преку маркетинг кампањи за поттикнување на купувањето на домашни производи. За тоа се потребни паметни економски политики, реформи во погубните земјоделските политик и големи инвестиции во подигање на домашното производство и иновации за да се обезбеди ефикасност и квалитет.
Оттука, протекционизмот во земјоделието и индустријата за храна и различни забрани за извоз на било кои прехранбени производи изгледа како луксуз кој не можеме да си го дозволиме во услови кога за голем дел од основните прехранбени производи Македонија зависи од увоз.
Што се од храна увезуваме?
Според статистичките податоци Македонија минатата година увезла храна во вредност од 670 милиони евра, а увозот на храна секоја година е се поголем.
За период од десет години вредноста на увозот на храна е зголемен за околу 60% или за околу 250 милиони евра.
Најголем дел од увозот на храна лани или 21,6% отпаѓа на увозот на месо и преработки од месо. Минатата 2019 година сме увезле месо и преработки на месо во вредност од близу 145 милиони евра или 50 милиони евра повеќе во споредба со пред десет години.
Само за увоз на пилешко свежи и замрзнато месо лани сме платиле 49 милиони евра. Минатата година сме увезле од странство говедско месо во вредност од околу 36 милиони евра и свинско месо во вредност од 27 милиони евра.
Минатата година сме увезле жито и преработки од жита во вредност од 98,3 милиони евра.
Следи увозот на свежо и замрзнато овошје и зеленчук за што во текот на минатата година сме платиле 97,2 милиони евра. Над 45 милиони евра годишно трошиме само за увоз на овошје, при што најголем дел отпаѓа на цитрусно овошје и банани.
Помал е увозот за зеленчук, кој лани изнесувал околу 18,6 милиони евра, а лани најмногу сме увезувале компири, домати, грав, кромид, лук, краставици,моркови..
Лани сме увезле и 7 милиони евра вредно јатчесто овошје како бадеми, лешници, ореви…
Увозот на сужено грозје лани изнесувал близу 900 илјади евра, а за свежи јаболки и крушки од странство сме потрошиле близу еден милион евра, а исто толку и за увоз на разно сушешно овошје.
Увозот на млеко и млечни производи и јајца лани изнесувал дури 70 милиони евра. Најмногу над 23 милиони евра за увоз на сирења, над 18 милиони за увоз на млеко …
Ако се анализира увозот на храна по ставки лесно може да се заклучи дека голем дел од тие производи ги произведуваме и дома, односно би можеле да ги произведеме и дома и така да го супституираме увозот. Голем дел од прехранбените производи кои денеска ги увзуваме во големи количини порано сме ги произведувале повеќе дома и сме немале потреба од толкав голем увоз.
На пример, увозот на млечни производи во изминатите 10 години бележи најголем раст од над 113%. Или лани сме увезле млеко, млечни производи и јајца за над 37 милиони евра повеќе од пред 10 години. Увозот на зеленчук и овошје лани бил дури за 91% поголем во споредба со пред 10 години. Увозот на месо е зголемен за над 50%.
Единствено намалување на увозот во изминативе десетина години имаме кај увозот на шечер и преработки од шеќер и мед, додека во сите останати прехранбени сектори има раст на увозот во изминатата декада.
Овие бројки се само илустрација на влошувањето на состојбите во земјоделието и агро секторот во изминатите години, кои доведоа до намалувањето на домашното производство за сметка на зголемениот увоз на храна во изминатите години.
Ако на тоа се додаде дека од буџетот во изминатава декада се потрошија неколку стотици милиони евра за поддршка на домашното земјоделство, може лесно да се заклучи дека овие големи пари немале речиси никаков ефект врз супституцијата и намалувањето на увозот на храна.