Во новиот предлог закон за измени на Законот за поштенски услуги доставен до Собранието, Владата предлага уште едно одложување на либерализацијата на поштенскиот пазар.
Со законските измени монополот на националната пошта да продолжи и во наредните две години, односно до 2022.
Досега процесот на либерализација на поштенските услуги се одложува неколкупати, и покрај тоа што на овој процес инсистира и Европската Унија. Имено, веќе неколку години со поддршка на Европската унија се спроведува твининг проект во рамки на кој е формирана и постои посебна Агенција за пошти како регулатор на пазарот на поштенски услуги на кој државната Пошта има монопол.
“АД Пошти на Република Северна Македонија се одликува со постоење на “гломазен“ систем кој го оневозможува и успорува долгиот и скап процес на реорганизација, и тоа во насока на унапредување на работењето, соодветно справување со конкуренцијата и нејзино полесно адаптирање кон работењето согласно сите правила за претприемништво и работа во услови на слободна пазарна економија”, се вели во предлог законските измени.
Дел од објаснувањето зошто се одложува либерализацијата е за да не се доведе во прашање обезбедувањето, односно оддржувањето на потребното ниво на квалитет на извршените поштенски услуги/квалитетот на универзалната поштенска услуга за корисниците како услуга од општ и јавен интерес.
Имајќи го предвид горенаведеното, се вели во текстот доставен до Собранието, оставен е простор, националниот оператор да инвестира во осовременување на поштенската мрежа и во креирањето и на други нови услуги, што ќе придонесе за неговата оддржливост преку давање на поквалитетни поштенски услуги за граѓаните.
Монополската позиција на државната пошта над другите 39 приватни оператори колку што ги има во државата се состои во тоа што таа има повластената цена за пратките за коресподенција до 50 грама, во кои спаѓаат и сметките за комуналии. За вакви пратки државната пошта наплатува 25 денари, додека за останатите поштенски оператори државата утврди цена од најмалку 62,5 денари.
Предлогот за ново одложување на целосната либерализација на поштенскиот пазар се случува во период кога Владата најави дека се подготвува план за отуѓување на државното акционерско друштво преку продажба или јавно приватно партнерство.
Владата неодамна ги задолжи и ресорните економски министри за спроведување на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација.
Пред неколку ден вицепремиерот Артан Груби потврди дека има интерес од словенечки компании за влез во македонскиот пазар на поштенски услуги.
Овој развој на настаните навестува можност Националната пошта да биде приватизирана, па наместо државен монопол да добиеме привартен монопол во поштенските услуги. Или доколку во македонската Пошта влезе словенечката Пошта, која е во државна сопственост, монополот би преминал во рацете на странска државна компанија.
И покрај монополот во делот на пратките, националната Пошта со години работи со загуби. Финансиската ситуација на Поштата дополнително се влоши со стечајот на Еуростандард банка, при што државната комапнија остана без приходите од платниот промет кој се вршеше на шалтерите низ целата земја, кој со договор го вршеше Еуростамдард банката.
Минатата година А.Д. Пошта имала приходи од 19,4 милиони евра, а долгот годинава се проценува да достигне и до два милиони евра. Во Поштата се вработени над 2.000 лица, а над 15 години раководните кадри во ова државно акционерско друштво се избираа по предлог на ДУИ. По годинешните парламентарни избори, Поштата во поделбата на директорски места, како ресор припадна на СДСМ.