Зошто е важно домашното производство во време на криза?

Сведоци сме дека светот и човештвото се соочуваат со најголемиот предизвик во поновата историја. Пандемијата со корона вирусот предизвикува многу загуби на човечки животи, како и промени и штети во секој сегмент од живеењето и работењето.

Македонската економија е соочена со еден од најголемите и досега невидени шокови. Шок на страната на побарувачката, но истовремено шок и на страната на понудата. Бидејќи мерките за спречување на епидемијата го замреа движењето и ги ставија луѓето во карантин, се намали потрошувачката што многу компании ги затвори, а голем е бројот на компании го стопираа производството заради нарушувањето на ланците на снабдувањето и неможноста да се снабдат со потребните суровини за производство.

Многу земји од светот и регионот, меѓу кои и Македонија, објавија пакети финансиска помош за да ги одржат во живот домашните компании и економиите и да се сочуваат работните места.

Трите најважни столба на сите овие пакети се заштита на ликвидноста на буџетот, одржување на ликвидноста на компаниите со вбризгување на повеќе и поевтини пари во економијата и зачувување на работните места, преку надомест на платите и придонесите во погодените индустрии.

Зошто домашно производство го цениме само во време на криза?

Во последно време се почесто слушаме дека треба да се купувават македонски производи, повици кон домашните компании да помогнат во снабдувањето со неопходните производи за да се преброди кризата…

Да, купувањето на македонски производи е еден од начините преку кои можеме да и помогнеме на економијата и да се покаже дека ја сакаме Македонија. Но, најнапред за да ја покажеме таа наша љубов, треба да има македонски производи, односно треба некој да ги произведе тие производи.
Дали требаше да дојде ваква криза за да сфатиме колку е важно за една држава да има домашно производство? Дали требаше да се затворат границите за да сфатиме дека сме зависни од увоз на се и сешто и дека тоа ја поткопува безбедноста на државата?

Дали можеби конечно ќе сфатиме дека политиките кои ги водевме во изминативе неколку декади го уништуваа домашното производство и ги направија увозниците главни играчи на пазарот, додека домашното производство стануваше се поскапо и понеисплаливо?
Многу стратешки производни компании пропаднаа, производството на храна драстично се намали во изминатите две –три декади, додека во истиот период станавме увозници на се и сешто, почнувајќи од храна, па се до тоалетна хартија, кои можат лесно да се произведат и дома. Но, поевтино беше да се увезат или да им се удоволи и дозволи на увозниците со дампинг цени да ги рушат и исфрлаат од пазарот домашните компании.

Ако се уште постоеше Охис ќе можеже да произведе многу големи количини на средства за дезинфекција. Да постоеше МЗТ можеби ќе можеше да произведе респиратори. Да постоеа некогашните производни гиганти ЕМО, Медицинска пластика, Македонка Штип, Тетекс, Отекс, Благој Ѓорев, шеќераната 4 ноември, Застава Охрид, Раде Кончар Скопје, Фринко Битола, Микрон Прилеп…сигурно македонската економија ќе беше поподготвена да се справи со овие шокови.

За жал времето не може да се врати назад и да се поправат грешките кои ги правевме како држава изминативе неколку декади.

Да бидеме среќни и горди што имаме компании кои воопшто можат и имаат капацитет да произведуваат производи кои ни се потребни за да го пребродиме овој период. Алкалоид (во делот на дезинфициенси и лековите, Витаминка (во делот на маслото за јадење), Пекабеско (во делот на сувомеснатите производи), Млекара и Здравје Радово (во делот на млечните производи), Квасара Битола (во делот на квасец и алкохол) се само некои од компаниите кои во овој период работат во вонредни услови и со максимален капацитет за да ги задоволат зголемените потреби за лекови и дезинфициенси и основните прехранбени производи.

Да се гордееме со домашните производи кои произведуваат македонски производи, но нивниот број требаше да биде поголем. Проблемот е што имаме малку вакви домашни производни компании и интегратори во системот, кои лесно можат да се прилагодат и да помогнат со сопствените производни капшацитети во време на криза.
Ако доволно го ценевме значењето на домашното производство, а патриотизмот и љубовта кон татковината ја покажувавме и во политиките и мерките на управување, тогаш денеска ќе имавме повеќе домашни силни и производни и извозни компании во стратешките сектори.
Како што тоа го има една Словенија, на која сега сите сакаме да угледа државата кога со 3 милијарди евра ја помага економијата во криза. Да, Словенија која има речиси ист број на жители колку и Македонија, денеска има над пет пати поголема економија и дури седум пати поголем извоз од нас. Словенија и во времиња кога нема кризи даваше огромна поддршка на домашните компании да растат и да се развиваат, додека ние бевме во филмот дека странските компании можат да ни го надоместат  недостатокот на развој во домашнате економија и нискиот економски развој.

Ќе извлечеме ли лекции од кризата?

Како и во секоја криза, постојат тешки времиња, но и шанси да извлечеме лекции и да излеземе посилни.
Ако може да се извлечат некои важни лекции тие би биле дека премногу зависиме од увоз и дека домашното производство во стратешките важни гранки мора да го имаме. Дека домашното производство на храна и лекови се важен предуслов за безбедноста на една држава. Дека купувачите ќе запаметат колку се важни домашните компании и кога кризата ќе помине, бидејќи увозните компании немаат ниту обврска, ниту, пак, некој може да ги повика да продолжат да го снабдуваат нашиот пазар.

Дека здравствените работници се многу важен столб на кој почива јавното здравство во целата држава, дека без ризикот на транспортерите и превозниците немаше да го имаме нормалниот живот на кој сме навикнати.
Дека имаме млади и иновативни луѓе кои преку производството на заштитните визири за здравствените лица преку 3Д печатачи ни одржуваат лекција дека со поинаква употреба и организација на домашните ресурси кои веќе ги имаме може и дома да произведуваме производи за кои сме биле уверени дека може да се произведуваат само во странство.
Многу млади, работоспособни и продуктивни луѓе кои беа заминати од Македонија барајќи подобра работа во странство, сега се враќаат назад во земјата. Ова е шанса овие луѓе повторно да им се даде можност да бидат вклучени во македонската
индустрија, здравството и економијата, но со почесно вреднување на нивниот труд.

Над 100 илјади хектари земјиште во Македонија не се обработуваат и во периодот кој следи во кој ќе има големи недостатоци на храна, производството на земјоделски производи и храна може да биде еден од големите потенцијали за побрзо излегување од кризата.

После пандемијата со корона вирус, ништо повеќе нема да биде исто. Пред нас е ново време кое носи нови задачи и предизвици. Потребно е ресурсите и луѓето кои ги имаме да се употребат на најдобар и најпродуктивем начин, со поголемо вреднување на луѓето, а помало вреднување на профитите.

Треба да се солидаризираме и реорганизираме, да се ресетираме и храбро и паметно да почнеме да се соочуваме со новите предизвици кои го носи новото време.