“Во однос на квотите за извоз на челик во ЕУ, како резултат на распределбата на квотите на Русија и Белорусија, Македонија доби зголемување од 18% само во една од двете засегнати групи, и тоа група 21 “Шупливи заварени профили од челик”. Ова зголемување, иако е далеку од задоволително,  очекуваме позитивно да се одрази врз работењето на нашата компанија”, вели Александар Гечев, директор на ИГМ Трејд за порталот ИзвозМК.

Компанијата ИГМ Трејд, која е шести најголем извозник во земјава, беше една од компаниите кои беа најсилно погодени од воведувањето на квотите кои ги воведе Европската Унија за увоз на челик и производи од челик од трети земји.

Европската Унија пред една недела донесе одлука за прераспределување на квотите за увоз на челик во ЕУ кои досега беа наменети за Русија и Белорусија, на кои со санкциите им се забранува извоз на челик и челични производи на европскиот пазар. Целосната одлука на ЕУ е на следниот линк.

Но, ставањето на челикот на листата на санкции кон Русија предизвика многу сериозни проблеми во индустријата за челик во ЕУ, која и пред тоа се соочуваше со големи потешкотии заради високите цени на гасот и електричната енергија.

“Конфликтот во Украина предизвика огромно пореметување на светските пазари на стоки, енергенси и на финансиските пазари, чии последици долго време ќе ги чувствуваат и компаниите и граѓаните. Конкретно на пазарите за челик и челични производи, Русија учествуваше со вкупен извоз од над 40 милиони тони, додека Украина со над 16 милиони тони, количини кои буквално ги снема преку ноќ, посебно во Европската Унија, кои многу тешко ќе се надополнат од други извори”, објаснува Гечев.

Русија е трет најголем извозник на челик во светот, зад Кина и Јапонија, додека Украина е осми по големина извозник.

Русија и Украина заедно сочинуваат околу една третина од увозот на челик во ЕУ, или речиси 10% од домашната побарувачка во регионот. А Русија, Белорусија и Украина заедно сочинуваат околу 60% од вкупниот увоз на арматура во ЕУ.

Истовремено, европското производство на челик во голем дел е  зависно од репроматеријали и полупроизводи кои се увезуваат од Русија и Украина, а кое сега е стопирано заради војниот кинфлкикт и санкциите.

Во услови на панична побарувачка за домашно произведен челик, европските железари се ограничени да одговорат на предизвикот и дополнително го намалуваат нивното производство заради недостигот на енергенси и историскиот раст на цените на гас и електрична енергија, индиректно и на CO2 сертификатите.

Сите овие услови резултираат со перфектна бура во ЕУ, вели Гечев, потенцирајќи дека и македонската челична индустрија се соочува со големи предизвици за да го одржи производството, продажбите и извозот.

Металната и металопреработувачката индустрија е една од најголемите извозни индустрии во Македонија, која создава над 16% од вкупниот извоз на земјата, кој достигнува над 1 милијарда евра годишно.  

Според него, извозот од Македонија годинава ќе зависи во голем дел од тоа како компаниите од металната и металопреработувачката индустрија ќе се справат со новонастанатата ситуација, односно како ќе ги адаптираат своите финансиски, логистички и кадровски капацитети, да покажат брзина и флексибилност да го премостат првичниот шок и да создадат можност за одржување на континуитетот во производството и продажбата.

Ние како компанија веќе создадовме услови за зголемено производство, продажба и раст на инвестициите и во 2022 година и секојдневно работиме кон реализирање на овие планови”, вели Гечев.

Цените на челикот и суровините за производство на челик рушат рекорди

И додека светот во најголема мера е фокусиран на ефектите кои војната во Украина ќе ги има врз енергенсите и снабдувањето со храна, уште една многу важна суровина трпи големи преметувања. Цените на челикот, клучен метал на кој практично почива денешната економија и кој се користи буквалнно во секоја индустрија, од изградба на облакодери и автомобили, па до машини за перење и железници, достигнува рекордно високи нивоа.

Рекордно високи цени имаат и суровините и репроматеријалите, посебно отпадните метали кои се користат за производство на челик, а цените на електричната енергија и гасот се историски највисоки нивоа, со закани дека се можни големи недостатоци, доколку ЕУ го забрани увозот на гас од Русија.

Цената на челикот за арматура во Европа минатата недела се искачи на рекордни 1.140 евра по тон, што е за 150% повеќе од крајот на 2019 година. И цената на топловаланиот калем, достигна рекордно високо ниво од околу 1.400 евра по тон, зголемување за речиси 250% во однос на непосредно пред почетокот на пандемијата Ковид-19.