Денеска, 20 мај, се прославува Светскиот ден на пчелите. Овој ден се поврзува со Антон Јанша кој е роден на овој датум, кој во 18 век вовел модерни техники за пчеларство во родната Словенија и бил еден од првите луѓе што помогнале да се потенцира важноста на пчелите во светот. Оттогаш, пчеларството станува витална неопходност во светските економски и еко системи.
Се уште многу луѓе не ја сфаќаат важноста на пчелите за целиот баланс на планетата, за бидиверзитот и за синџирот на исхрана. Пчелите играат многу важна улога во земјоделството, како незаменлив биолошки фактор за природните процеси во природата како главни опрашувачи на растенијата и како такви активни учесници во производството на храна.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година воМакедонија имало 96.143 пчелни семејства, што е најголем број во изминатите 10 години. Само за една година пчелните семејства се зголемени за речиси 15.000 или за 18%. Во споредба, пак, со пред десет години има 20 илјади повеќе пчелни семејства.
Најголем дел од пчелните семејства во Македонија се од автохтон род македонска пчела за која студиите покажуваат дека преживува значително подолго од новововедените видови во регинот.
Иако најголем дел од произведениот мед се продава на домашниот пазар, потенцијалите за извоз на мед, посебно на органски мед, се навистина големи, посебно заради фактот што Македонија има многу места со чиста и здрава околина, што се гаранција дека може добро да се позиционираме на европскиот пазар.
Светскиот успех на македонскиот документарец Honeyland или Земја на медот може да биде голема отскочна даска за промоција на европските и светските пазари.
За жал извозот на мед е се уште многу мал и минатата година е извезен мед во вредност од околу 530 илјади евра.