Премиерот Зоран Заев денеска по средбата со американскиот помошник државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Францис Фeнон уште една ја потврди решеноста на македонската Влада за вклучување на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција.

На прес-конференцијата беше кажано дека со поддршка на Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во претстојниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти од енергетиката од особено значење за земјата и за регионот, и дека како земја која си ја има поставено енергетската независност како цел, за Северна Македонија поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција се од суштински и долгорочен интерес.

„Со државниот секретар Фенон разговаравме и за значењето на поддршката за интерконекторот за гас со Грција“, изјави премиерот рече претседателот на Владата, и додаде дека со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан и, истовремено, и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција за стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија”, изјави Заев.

Според помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Фeнон вклучувањето на Северна Македонија со поддршка на САД во регионалните енергетски проекти ја прави земјата значаен регионален партнер и отвора можност за трајно и стабилно снабдување на земјата со природен гас, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес.
Со конектирањето на земјата со главните енергетски коридори преку Грција, смета Фенон,  ќе се постигнат огромни придобивки за земјата и за сите земји од Западен Балкан и Југоисточна Европа.

Зошто е важен интерконекторот со Грција?

Интерконекторот кон Грција во последниве неколку години се најавува како многу важен проект со големо економско и геостратешко значење за земјата и за регионот.
Изградбата на интерконекторот кон Грција ќе значи и диверзификација на извори за снабдување со енергенси, кој досега беше зависен единствено од рускиот гас, пристап до поевтин гас, приходи од транзитен пренос и сигурност на пазарот на гас.

На македонска територија од Неготино до Гевгелија интерконекторот ќе биде во должина од околу 68 километри со вкупен капацитет од 2,8 милијарди метри кубни годишно. Во тек е изготвување на студијата за влијанието врз животната средина, инфраструктурниот и основниот проект, со грант средства од WBIF (Western Balkans Investment Framework) .

Според информациите на ИзвозМК вкупната инвестиција за изградба на интерконекторот на македонска територија се очeкува да изнесува околу 45 милиони евра, кои е планирано да се обезбедат со грант од 10 милиони eвра од WBIF, а другиот дел ќе биде кредит од EIB (European Investment Bank).
Првичните проценки беа градбата да почне кон крајот на 2020 година,и да заврши до крај на 2022 година, но заради корона кризата овие рокови може и да бидат продолжени.

Она што е исто така важно е што се предвидува и изградба на крак од гасоводот и кон Косово, а доколку има интерес и кон јужна Србија и Црна Гора.

Изградбата на интерконекторот со Грција ќе овозможи доволни количини за да се снабдува и регионалниот пазар, а користењето на нашиот преносен систем за транзит кон другите држави ќе биде од голема важност за нашата држава, бидејќи директно ќе влијае за намалување на цената за пренос, а ќе донесе и приходи од пренос за земјата.