Македонските компании во јули годинава извезле стоки во вредност од 638 милиони евра, што е пад за 8,3% или за 58 милиони евра помалку во споредба со јули минатата година, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика.
И покрај падот во вредноста, обемот на извезени производи во јули годинава било поголем за 5,5%, што упатува на тоа дека падот на извозот во поголем дел е заради намалувањето на инфлацијата и пониските продажни цени на странските пазари.
Увозот, пак, во јули годинава изнесувал 945 милиони евра и е за 5,5% помал во споредба со истиот месец лани. Во истиот месец, пак, увезените количини на стоки биле за 5,2% поголеми во споредеба со истиот месец лани, што упатува на заклучок дека за помалку увезени стоки од странство сме платиле поскапо.

Покриеноста на увозот со извозот во јули била 67,5%, додека трговскиот дефицит изнесувал 307 милиони евра, раст од 53% во споредба со ланскиот јули.

Во првите седум месеци годинава, извозот од Македонија бележи пад во дури шест месеци.
Вкупниот извоз во периодот од јануари до јули годинава изнесува 4,6 милијарди евра и вредносно е помал за 7,7% во споредба со вредноста на извозот во истиот период лани.

Увозот, пак, во периодот од јануари до јули годинава изнесувал 6,5 милијарди евра и е за 0,8% повисок во споредба со лани. Трговскиот дефицит за првите седум месеци годинава надмина 1,9 милијарди евра, што е за речиси 30% поголем во споредба со истиот период лани.

Извозот во ЕУ продолжува да паѓа, пред се како последица на големиот пад на извозот во Германија.

Статистиката покажува дека во јули годинава извозот во Германија изнесувал 224 милиони евра и бележи пад од 28% во споредба со истиот месец лани. Извезените количини на стоки во Германија во јули се помали за 11%. Ова е втор голем пад на извозот во Германија годинава, откако во мај беше регистриран пад од 29,3%.
Падот на извозот во Германија се должи на намалените нарачки, но и намалените цени со кои се соочуваат производителите на автомобилски делови во земјава кои главно се наменети за германската која се соочува со сериозна криза и намалено производство и продажби.

Голем пад на извозот во јули статистиката бележи и во Белгија од 54,2%, во Кина од 58,8%, В.Британија од 25,2%, Косово од 19,5%.

Од друга страна, извозот во јули најмногу пораснал во Бугарија 57,3%, во Австрија за 52,6%, Шешка Република 43%, Романија 34,3%, Босна и Херцеговина од 38,2%.