Photo: Getty Images

Украина во март 2022 година извезла 1,1 милион тони пченка, 309 илјади тони пченица, 118 илјади тони сончогледово масло и 40 илјади тони соја, што е 4 пати помалку од извозот во февруари годинава, објавува Министерството за економија на Украина.

Агенцијата истакна дека пченката и сончогледовото масло (заедно со рудите и феролегурите) биле главните ставки на украинскиот извоз во март.

Во март Украина извезла 5,97 милиони тони производи во вредност од 2,7 милијарди долари, додека во февруари биле извезени 13,1 милиони тони производи во вредност од 5,3 милијарди долари, соопшти Министерството за економија.

Руската инвазија предизвика значителни загуби и на страната на увозот на Украина. Така, ако во февруари Украина увезла 5 милиони тони стока во вредност од 5,9 милијарди долари, во март – само 1,6 милиони тони во вредност од 1,8 милијарди долари. Најважните увозни позиции за Украина сега се природниот гас, нафтата, нафтените производи и јагленот.

Извозот на жито и сончогледово масло се вршеше со утовар на претходно доставени бродови, но по инвазијата тие остануваат блокирани во пристаништата во Украина и потребно е да се деблокира Црното Море за да излезат.

Дури и без војниот конфликт во Украина, 2022 година требаше да биде година на небесно високи цени на храната, а војната во најголемата житница на Европа ќе предизвика многу големи пореметувања во производството на храна.

Украина, заедно со Русија обезбедуваат 30% од светското производство на пченица, а земјата е исто така најголем производител на сончогледово масло.

Според проценките на Обединетите Нации, 50 земји во светот зависат од Русија и Украина за повеќе од 30% од нивната пченица, а многу од нив се меѓу најсиромашните земји во Северна Африка, Азија и Блискиот Исток.