Е-трговијата, особено по пандемијата е важен продажен канал и обезбедувач на приходи за компаниите и значаен елемент на растот на националните економии. Поради нејзиниот висок потенцијал за зајакнување на економскиот раст, дигиталната трансформација и придобивките кои ги носи за граѓаните, економиите на Балканот во услови кога веќе се заканува рецесијата, неопходно е да посветат повеќе внимание на изнаоѓањето начини за да го искористат целосниот потенцијал за е-трговија.

Резултатите од периодот на пандемијата покажуваат каков ефект дигиталните канали може да имаат врз растот на приходите на компаниите и економските текови на државите, а веќе променетите навики на купувачите и повисокото ниво на едуцираност треба да се искористат за да се подобри пошироката економска слика на државите на Балканот.

На 5-тата Конференција за е-трговија  во Скопје, кратка средба остварија Филомена Пљаковска-Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на КаСис АД, единствениот процесор за обработка на трансакции со платежни картички и биро за персонализација во Македонија и Здравко Илиќ, виш експерт за трговија задолжен за трговија со услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА.

Двајцата разговараа за потребните чекори кои треба да се преземат за интеграција на пазарот и кои се’ чинители треба да бидат вклучени.

Според Здравко Илиќ, важно е да се идентификуваат клучни правила и стандарди што ќе важат за сите и со тоа ќе се создадат услови за регионална електронска трговија. Компаниите сакаат да работат на повеќе пазари без да мора да се движат низ разновидни регулаторни рамки и да губат време и пари на документација и долготрајни комплицирани царински постапки.

Во ЦЕФТА дефиниравме три приоритетни сегменти на кои сме фокусирани за да ја олесниме и промовираме регионалната електронска трговија. Првиот се однесува на законите и регулативата. Според ЕУ принципот за Заеднички пазар, трговецот кој работи во согласност со законите на својот матичен пазар, може да го развива својот онлајн бизнис и да ги продава своите производи и услуги онлајн на сите ЦЕФТА пазари. Кога станува збор за пратките, повторно врз основа на ЕУ законите, согласни сме дека треба да изградиме механизми за транспарентност на цените на пратките и редовна проценка на исправноста на работењето. И третиот сегмент се однесува на царината каде се обидуваме да создадеме модел кој ќе ги олесни и забрза царинските постапки, со што тие би се завршиле уште пред пратката физички да пристигне во царинските пунктови.“ – рече Илиќ.

Филомена Пљаковска Аспровска ја истакна потребата од градење доверлива и безбедна околина која ќе ги охрабри купувачите да нарачуваат од трговци во поширокиот регион.

Многу компании на Балканот интензивно работат на развој на е-трговијата, на некои им оди побрзо, на други поспоро, но важно е дека комуницираме, споделуваме искуства и ги адресираме предизвиците кои произлегуваат од различните законски регулативи во различните држави во регионот, како и различниот степен на едуцираност на граѓаните. На долг рок важно е да изградиме единствен e-commerce пазар на Балканот без финансиски, логистички и законски ограничувања. Тука секако треба да се вклучат многу чинители, државите да обезбедат и да ја усогласат легислативата, транспортните и поштенски сервиси да овозможат развој на логистиката и поддршка за е-трговијата, и платежните процесори кои ќе гарантираат брзи и безбедни транскации во цел регион. Се надевам дека луѓето наскоро ќе купуваат онлајн и ќе ги добиваат своите пратки брзо и без дополнителни трошоци било каде во регионот. Со тоа верувам дека ќе се забрза развојот на е-трговијата и генерално ќе имаат бенефит економиите на сите држави на Балканот. КаСис со своите партнери веќе работи на ширење во регионот.“ – рече Пљаковска Аспровска по средбата.

Илиќ и Пљаковска Аспровска се согласија дека иако регионот ги следи трендовите, сепак треба многу да се работи за да се достигне нивото на ЕУ земјите во кои во 2021 година 90%од луѓето помеѓу 16 и 74 годишна возраст користеле интернет, а 74% од нив купувале продукти или услуги онлајн. КаСис се отворени за соработка со ЦЕФТА, со сите банки сегашни и идни е-трговци и регулаторни и законодавни тела во напорите да се обезбеди брзорастечка и безбедна средина за рапиден раст и развој на е-трговијата.