Податоците за извозот од Македонија покажуваат дека е многу мал бројот на фирми кои извезуваат, има многу малку извозни производи и извозот е сконцентриран на малку индустрии. На пример, речиси половина од извозот го прават странските компании од зоните, а дури 48% од извозот е насочен кон Германија, извоз кој е главно зависен од автомобилската индустрија.
Светската банка во својот најнов Извештај: Стратегија за трговската политика за Северна Македонија 2.0 предлага политики кои можат да и помогнат на земјата да го диверзифицира својот извоз и да го зголеми своето учество во глобалните синџири на снабдување.
Меѓу политиките и мерките кои се предлагаат се намалување на царините за увоз на суровини, зпотпишување на нови договори за слободна трговија со потенцирање на потенцијалот на земјите од Северна Африка и Блиски Исток, помош за извозниците за настап на странски пазари, подобрување на инфраструктурата.
Во продолжение ги пренесуваме целосно политиките и мерките кои според Светската Банка можат да се намалат
# Усогласувањето на тарифите со ЕУ ќе ја подобри продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор.
Намалувањето на увозните царини ќе има корист за приватниот сектор со намалување на цената на увезените инпути. Во Северна Македонија, приватниот сектор изразува загриженост за царините за влезните производи, кои се повисоки од увозните царини за готови производи. За време на пандемијата на Ковид 19, некои царини беа намалени, но само во ограничен обем и привремено. Проблемот постои пред се во автомобилската индустрија, во производството на фотоволтаична опрема и во производството на салама и други месни производи.
# Продолжување на проширување на мрежата на билатерални и мултилатерални трговски договори.
Северна Македонија постигна значителен напредок во однос на либерализацијата на регионално ниво. Сепак, интеграцијата во глобалната трговска мрежа отвора можности кои не треба да се занемарат. Затоа, С.Македонија треба да продолжи со напорите за глобална трговска интеграција. Се појавуваат нови можности за извоз, особено во земјоделството и прехранбените производи во Северна Африка и арапските земји, каде што, за разлика од ЕУ, има помалку строги барања што можат полесно да ги исполнат домашните производители. Сепак, важно е да се нијансира потенцијалот за проширување во Магреб земјите. Трговските трошоци би можеле да бидат повисоки за регионот на Магреб земјите поради малата понуда од бродските линии или поскапите тарифи за транспорт со контејнери. Дополнително, некои од земјите од Магреб и понатаму не сакаат да тргуваат. Конечно, трговската размена на С. Македонија со Турција останува ниска и покрај постоењето на Договорот за трговија.
# Продлабочување на постоечката мрежа на регионални трговски договори
Длабочината на регионалните трговски договори е важна за растот на извозот бидејќи фирмите кои работат на пазари со подлабоки договори се попрофитабилни и поголеми по големина. Особено е важно да се промовира регионалната интеграција на С.Македонија во Западен Балкан и ЕУ. Дополнително, владата треба да обезбеди исполнување на обврските од Дополнителниот протокол 6 на ЦЕФТА за трговија со услуги, што може дополнително да ја промовира регионалната интеграција и да создаде нови можности за приватниот сектор.
# Ревидирање на извозно ориентираната стратегија за странските директни инвестиции и темелна проценка на врските меѓу фирмите кои се поддржани и домашните фирми и нивниот придонес во домашната економија, вклучувајќи го растот на продуктивноста на фирмите и извозот на посложени производи со домашна додадена вредност, вработувањето на образована работна сила и инвестиции во истражување и развој.
# Рационализација на граничните процедури и подобрување на координацијата меѓу агенциите за да се намалат доцнењата од царинењето и трговските трошоци. Дополнително, С.Македонија треба да воспостави механизам за редовен преглед и база на податоци за нетарифните мерки, да постигне усогласеност со последните две мерки на СТО за TFA (Trade Facilitation Agreement) и да спроведе заеднички гранични инспекции. Конечно, земјата треба да го зајакне јавниот приватен дијалог за да ги идентификува пречките за трговијата и да спроведе конкретни мерки кои можат да ја олеснат трговијата.
# Отворање за поголема мобилност на работната сила во рамките на Западен Балкан за да се искористат придобивките од трговијата со услуги, на пример, преку договори за взаемно признавање на професионалните квалификации, што ќе и овозможи на земјата да изгради конкурентен пазар на услуги.
# Затворање на преостанатите празнини во транспортниот коридор, вклучително и железницата, и подобрување на одржувањето на транспортната инфраструктура и безбедноста на патиштата преку добро насочени нови инвестиции и соодветен буџет за одржување. Тоа ќе и овозможи на С.Македонија да има корист од позицијата на земјата како регионален транзитен центар и подобро да ги поврзе домашните фирми со меѓународните пазари. Извозниците и увозниците го користат пристаништето во Солун како главна рута за пристап до далечните пазари, а сепак мора да користат камиони за транспорт на нивните стоки од С.Македонија до Грција, иако железничкиот транспорт е поевтин во светот. Иако големите подобрувања на железницата се екстремно скапи, некои дополнителни подобрувања може да се постигнат преку подобро управување со постојната инфраструктура.
# Создавање погодна средина за интернационализација на фирмите, помагање на извозниците и подобрување на опстанокот на фирмите на странските пазари.
Овој тип на поддршка би можеле да обезбедат Агенцијата за промоција на извозот, економските аташеа во амбасадите, Банката за развој), деловните комори, приватните консултанти или компаниите за извоз/увоз. Видот на поддршка може да вклучува истражување на пазарот, информации за барањата и стандардите за подобрување на квалитетот на извозниците, сертификацијата и NTM, како и поддршка на изложби на специјализирани саеми и спојување со купувачите, финансирање на извоз (факторинг, гаранции, осигурување) и поддршка за е-трговија или дури и заеднички канцеларии и маркетинг персонал на странските пазари.