Автомобилската индустрија е една од најпогодените индустрии од пандемијата на Ковид 19. Првично, ударот беше на страна на понудата, кога заради затворањето на Кина заради корона вирусот беше пореметено и прекинато снабдувањето со делови со оглед дека сите големи светски автомобилски компании имаат синџири на снабдување кои се многу зависни од Кина. Најостриот пад се случи во април и мај, посебно кога поголем дел од Западна Европа и САД, Мексико беа под карантин и кога сите фабрики за производство на автомобили во период од неколку недели го стопираа своето работење.
Вториот удар е заради намалената побарувачка и продажба на автомобили, откако пандемијата се прошири во целиот свет и предизвика затворање на многу фабрики и продажни салони..
Иако, автомобилската индустрија и пред пандемијата се соочуваше со проблеми заради се поголемите притисоци за намалување на издувните гасови и префрлање на електрични возила и возила на хидроген, се чини дека пандемијата и зададе силен удар на индустријата кој ќе продолжи да се чувствува во следните неколку години, но кој ќе предизвика и многу промени во начинот на кој таа функционира.
Прогнозите се дека опоравувањето во автомобилската индустрија нема да биде ни брзо, ниту лесно. Очекувањата се дека кризата предизвикана од пандемијата со Ковид 19 ќе предизвика глобален пад на продажбата на автомобили.
Се очекува 2020 година да заврши со помалку од 70 милиони евтомобили споредено со 89 милиони произведени и продадени во 2019 година, што е пад од најмалку 22%.
Ова е далеку поголем пад во споредба со негативното влијание кое го претрпи автомобилската индустрија за време на финансиската криза од 2008 година, кога имаше пад од 8%.
Во најдобро сценарио, последиците од пандемијата би влијаеле на автомобилската индустрија најмалку четири до пет години, односно за толкав период би можело да се очекува враќање на индустријата на пред-кризните нивоа. Во најлошто сценарио, би дошло до траен структурен пад во индустријата, од кој нема никогаш да се опорави.
Најтешко погоден регион, кога е во прашање побарувачката, се проценува да биде Европската унија со пад на продажбите од 25% годинава, а Кина се очекува да биде пазарот кој најбрзо ќе се опорави. Иако се чувствуваат позитивни сигнали за раст на ново регистрирани возила во Европа за јуни и јули, но ова е далеку под резултатите од истите месеци лани.
Автомобилската индустрија создава скоро половина од македонскиот извоз
Индустријата за автомобилски делови е многу значајна индустрија за македонската економија, како во поглед на извозот, така и во поглед на бројот на работни места кој ги обезбедува.
Компаниите кои произведуваат автомобилски делови во земјава се во најголем дел интегрирани во синџирите на снабдување на европската, поконкретно германската автомобилска индустрија. Станува збор за компании кои се претежно извозно ориентирани и кои имаат големо учество во извозот. Самиот факт што дури 48% од вкупниот македонски извоз е насочен кон Германија, а само најголемиот извозник, производителот на катализатори за мотори со внатрешно соговорување, Џонсон Мети создава над 25% од вкупниот извоз доволно ја покажува преголемата концентрација во македонскиот извоз и преголамата зависност од автомобилската индустрија. Бидејќи европската автомобилска индустрија е силно погодена од пандемијата и намалената побарувачка за автомобили, големата концентрација на извозот токму на оваа индустрија доведе до силен пад на страната на извозот, но и увозот во април и мај.
Рангирањето на најголемите 100 македонски извозници објавено во рамки специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ има 18 компании кои лани имале вкупен извоз од 2,96 милијарди евра. Тоа е дури 63% од вкупниот извоз кои лани го направиле најголемите 100 македонски извозни компании или над 46% од вкупниот извоз на државата во изминатата 2019 година.
Од 50-те најголеми извозни компании, 16 се од автомобилската индустрија.
Најголем извозник од индустријата за автомобилски делови веќе неколку години наназад е Џонсон Мети, кој минатата година за заврши со вкупни приходи од 1,9 милијарди евра, што е раст од 5,8%. Џонсон Мети учествува со речиси 30% во вкупниот извоз на државата во 2019 година или 34% од вкупниот извоз на Топ 100 извозници.
Ако се изземе Џонсон Мети, извозот на останатите компании од оваа индустрија лани изнесувал околу 1 милијарда евра.
Втор најголем извозник е производителот на кабли Кромберг и Шуберт со извоз од 248 милиони евра. Германската компанија лани имала 11,3% на приходите.
Трет најголем извозник од автомобилската индустрија е производителот на автобуси Ван Хоол, кој лани остварил извоз од 179 милиони евра. Амфенол од Кочани е четврт најголем извозник со извоз од 84,5 милиони евра.
Маркарт од Велес со извоз од околу 82 милиони евра е петти најголем извозник.
Сите компании од автомобилската индустрија лани имале раст на извозот и на приходите во работењето.
Но, пандемијата предизвика голем пад на извозот и на приходите во нивното работење. Според прогнозите на компаниите кои работат во оваа индустрија, намалувањето на планираните приходи за 2020 година ќе се движи помеѓу 15% и 25%.
Доколку сте заинтересирани да набавите примерок од едицијата Топ 100 Извозници, тоа можете да го направите преку следниве мејл адреси: marketing@izvoz.mk или contact@izvoz.mk.
Цената на еден примерок од изданието Топ 100 ИЗВОЗНИЦИ во печатена форма на 76 страници во високо квалитетен печат е 500 денари.
Доколку сте заинтересирани за набавка на повеќе примероци пишете ни на дадените мејл адреси за да добиете информации за постојните пакети.
Производителот на автомобилски делови КОСТАЛ Македонија, како и многу други компании од оваа индустрија, зависи од снабдувањето со материјали од регионите кои беа први погодени од Ковид 19 (Азија и Европа), така што се соочиле со предизвици кои влијаеле на обезбедување на потребните суровини и репроматеријали за производство и натамошна достава на готовите производи до клиентите.
Како резултат на тоа, КОСТАЛ формирал глобална работна група која активно работи на ублажување на ризиците во синџирот на снабдувачи на компанијата, поврзани со пандемијата.
Се соочиле со одложувања во испораката заради што морале да се организираат алтернативни транспортни рути (воздушен, наместо поморски транспорт, помали пратки на специфични материјали со брза пошта…).
“Овие активности ги зголемија тековните трошоци за набавка на суровини и материјали, вклучително и транспортните трошоци, кои ја оптоварија профитабилноста на тековното производство”, вели Виктор Мизо, директор на Костал Македонија.
Според Мизо, нарачките за автомобилски делови од крајните производители се под силно влијание на движењата на глобалниот пазар на автомобили, кој се соочува со големи предизвици во однос на побарувачката за автомобили.
“Поради влијанието на побарувачката на автомобили на европскиот пазар и ограничените можности за рестартирање на нивните производни капацитети, нарачките од директните клиенти беа целосно откажани во периодот од средината на март до првата половина на април, а во понатамошните два месеци се соочивме со многу бавно заздравување на побарувачката. Ова посебно влијаеше на нашиот извоз, бидејќи се соочивме со ситуација каде наместо проектираниот раст на нарачките за главните клиенти на нашата компанија, во истиот период се предизвика обратен ефект и одложување на нарачките”, објаснува Мизо.
Од друга страна, пандемијата предизвика драстично намалување на куповната активност на крајните корисници и застој во трговските синџири. Ова резултираше со намалување на продажбата, а со тоа и профитабилноста, што најмногу се одрази врз ликвидноста и дополнителните трошоци за тековно регулирање на обврските кон нашите добавувачи и даватели на услуги.
Според последните проценки, годишниот извоз на КОСТАЛ Македонија заради сето ова ќе има пад за околу 20%, споредено со плановите од пред Ковид 19 кризата.
Намалувањето на високите царински стапки од клучно значење за идното работење на оваа индустрија
Според Светската банка, трговијата на индустриски полупроизводи поврзани со глобалните синџири на вредности и снабдување во земјава учествува со околу 50 % од вкупната трговија со стоки, или таа изнесува над 25% од БДП. Во оваа индустрија во земјава се вработени над 20 илјади лица.
Тоа е опасна и преголема концентрација во извозот и трговијата и преголема изложеност која Македонија ја прави особено ранлива евентуалните шокови и нарушувања во глобализираните синџири на снабдување.
Големиот пад кој го имаат компаниите од оваа индустрија веќе има негативно влијание врз македонскиот извоз, вработеноста и економијата.
Токму затоа компаниите од оваа индустрија апелираат дека од заеднички интерес на сите е државните институции да заземат сериозен пристап во поддршката на оваа индустрија за да се надмине овој тежок период без поголеми отпуштања.
Како една од мерките која директно им ја намалува конкурентноста во овој период на намалена ликвидност е намалување на царинските стапки за увоз на компоненти од не-европски земји, наменети за високонапредно производство во автомобилската индустрија. Иако оваа мерка се бара веќе две години наназад, тие потенцираат дека сега е критичен момент кога државата треба да ги согледа долгорочните придобивки, односно штети од нејзиното недонесување.
Во следниот период следи процес на консолидација во автомобилската индустрија заради намалување на трошоците, но и заради рекомпонирање на синџирите на снабдување во оваа индустрија. Доколку Македонија остане како дестинација со нереално високи увозни царини за компонентите кои ги користи оваа индустрија, ризикува затворање на некои од постојните фабрики и пропуштање на инвестиции во процесот на селење на производството во автомобилската индустрија поблиску до потрошувачите, процес кој ќе трае во следните неколку години.
>>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<<