Скандинавските земји најчесто се споменуваат како пример за богати земји кои имаат најправедна распределба на богатството и пристап за сите до здравствениот систем, образованието и другите инструменти на социјална држава. Но, има уште една мала држава која е исто така богата, можеби и поправедна од скандинавските земји нудејќи им на своите граѓани сеопфатни социјални бенефиции, но со многу помали даноци, помала влада и стабилна и отворена економија.
Швајцарија е втора најбогата земја во светот со БДП по глава на жител од 83.716 долари, после Луксембург, а пред Норвешка, Данска или Шведска.
И секако дека парите не се секогаш мерило за успехот на една држава, но Швајцарија во многу спроведени анкети се рангира како една од 10-те најсреќни држави во светот.
Иако успеа да ги зголеми своите приходи во однос на Скандинавија во последната деценија, уште поважно е што Швајцарија успеа да се справи со нееднаквоста.
Богатството и приходот се дистрибуираат во населението скоро исто колку и во Скандинавија, при што средната класа држи околу 70% од националните средства.
Голема разлика секако е фактот дека просечното семејство во Швајцарија има нето вредност од 540.000 долари, што е двојно повеќе од просекот во Скандинавија.
Иако можеби некој ќе рече дека целиот успех на Швајцарија се потпира на банките кои имаат третман делумно тајно даночно скривалиште каде се кријат големи и понекогаш недозволени богатства заштитетени со тајноста на банките, Швајцарија е многу повеќе од тоа.
Капиталистичка во суштина, Швајцарија наметнува благи даноци на поединците, потрошувачите и корпорациите. Иако има прогресивно оданочување на приходите на поединците , висината на даноците е различна во различни кантони во зависност од развиеноста, а стапките се вистински прогресивни со цел помалку да се оданочат оние кои помалку заработуваат, додека богатите плаќаат повисоки даноци со кои се оданочува богатството.
Данокот на додадена вредност или познатиот ДДВ е меѓу најниските во светот и моментално изнесува 7,7% (во САД е 10%, а во Македонија е 18%), при што има и повластена стапка од 2,5% за
Во 2018 година највисоката стапка на данок на добивка во Швајцарија беше најниска во Западна Европа, движејќи се од 11,4% до 24,2%, далеку под скандинавскиот просек од 52%.
Во 2019 година Швајцарија отиде чекор понатаму. Во мај 2019 година имаше референдум за реформа на даночниот систем со цел да остане атрактивна. Со реформата се предвидува корпоративниот данок постепено да се намалува и да се движат од 12% до 14% во различни кантони, со можност да се спуштат и до 9% за некои ослободувања за патенти. Од почетокот на 2020 година на пример корпоративниот данок во Лозана и Женева изнесува 13,99%.
Владиното трошење учествува со една третина од бруто домашниот производ, споредено со околу 50% во Скандинавија. Швајцарија е далеку поотворена за трговија, а уделот на швајцарскиот извоз во глобалниот извоз е двојно поголем од скандинавските економии.
Рангирањето на MIT на светските економии според сложеноста на производите кои ги извезуваат ја рангира Швајцарија на второ место во светот, веднаш зад Јапонија, а значително понапред од скандинавските земји, кои се рангирани од 15-та позиција надолу.
Но, Швајцарците се одлични во скоро секоја голема индустрија, освен нафтата која ја немаат, што најчесто го постигнуваат со таргетирање на специјализирани „ниши“, како што се биотехнологијата и инженерството.
Рационалната влада и отворената економија помогнаа оваа планинска земја да биде инкубатор за многу глобални и конкурентни компании.
Швајцарија е дом на 13 од 100-те европски најдобри компании. На пример, Нестле, чија берзанска вредност е 320 милијарди долари, е 15 пати поголема од најблискиот скандинавски ривал.
Децентрализацијата е клучна
Иако најголемите мултинационални компании се концентрирани во големите градови, швајцарската економија е децентрализирана, исто како и нејзиниот политички систем. Зачудувачки е колку производи со врвен квалитет доаѓаат од нејзините провинции.
Малите бизниси се сидрото на швајцарската економија, обезбедувајќи две третини од работните места во земјата.
Само една од седум вработени работи за владата, што е многу ниско учество во споредба со европските земји, но и многу важно за економијата.
Иако франакот растеше многу побрзо од сите други валути, тоа не го намали швајцарскиот извоз, ниту пак го направи помалку конкурентен.
Наместо тоа, додека повеќето богати земји доживеаја пад на нивниот удел во глобалниот извоз во последната деценија, уделот на извозот од Швајцарија продолжи да расте.
За тоа секако можат да се заблагодарам на угледот на нивниот инженери и чоколади , за кои на луѓето не им е проблем да ги платат и поскапо швајцарските производи.
Стапката на имиграција во Швајцарија е околу два пати поголема во споредба со скандинавските земји и повисока од други развиени земји, што е голем поттик за развој на економијата.
Швајцарскиот модел на пракса е пример за светот
Швајцарскиот пазар на работна сила добива голем поттик и од образованието и школскиот систем во кој учениците уште од 12 години се усмеруваат според нивните знаења и способности. Според податоците од Светскиот економски форум дури две третини од младите луже во Швајцарија посетуваат дуално образование по повеќе од 250 разлилчни области, почнувајќи од медицина, ИТ, електроинженеринг, готвење и многу дригу области, каде младите се обучуваат според потребите на компаниите, односно според местата кои се нудат на пазарот на работна сила.
Швајцарија во последно време се почесто се посочува како пример за модел каде праксата на младите луѓе од образовниот систем функционира многу успешно, бидејќи компаниите успеваат постојано да ги надополнуваат потребите со работна сила со кадри со вештини кои им се потребни.
Ако може да се извлече една генерална лекција од швајцарскиот модел на успех тоа е дека е можно една земја истовремено да обезбедува поволни услови за привлекување на приватниот капитал и социјална помош и еднаквост. Под претпоставка да знае како да создаде богатство, силни компании кои произведуваат квалитетни производи со висока додадена вредност за кои другите се спремни да платат и повисока цена.