Минатата 2024 година, од Македонија биле извезени над 66.000 тони свежа зелка, во вкупна вредност од 29,6 милиони евра или 31,92 милиони долари. Споредено со 2023 година, количините се зголемени за 2,8%, додека вредноста на извозот бележи благо намалување од 1,1%.

Зелката останува најизвезуван зеленчук од Македонија, со над една третина од вкупниот извоз на зеленчук остварен преку продажба на странските пазари.

Според податоците од UN Comtrade Database, Македонија во 2024 година била 12-ти најголем извозник на свежа зелка во светот и 13-ти најголем извозник според извезените количини.
Во споредба со европските земји, Македонија е 6-ти најголем извозник во Европа, веднаш зад Холандија, Шпанија, Италија, Полска и Германија.


Во регионот, Македонија е најголем извозник на зелка и според количините и според вредноста на извозот на зелка. Зад нас е Албанија, која со извезени 22 илјади тони во вредност од 13,2 милиони долари е 15-ти најголем извозник на зелка во светот.

Од македонските ниви до 26 странски пазари

Во 2024 година, македонската зелка се продавала на 26 пазари, од кои на 9 пазари е остварен извоз од над 1 милион долари.


Според податоците од Државниот завод за статистика Полска е најголем извозен пазар, со увезени 16.000 тони зелка во вредност од 8,5 милиони долари, иако и самата е голем производител и извозник на зелка.
Украина е втор најголем извозен пазар за македонската зелка, со извоз на 14.300 тони во вредност од 6,6 милиони долар.

Следат Романија, Србија, Литванија, Шведска, Молдавија, Хрватска, Бугарија и Норвешка.



Највисока продажна цена за македонската зелка во 2024 година е постигната во Норвешка, Финска и Австрија, додека најниска во Бугарија, Романија и Босна и Херцеговина.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на зелка бележи раст во последните неколку години. Година со најголеми извезени количини зелка била 2016 година со 67 илјади тони, додека претходната 2015 имало најмалку извезена зелка од само 40 илјади тони. Вредноста на извозот на зелка бележи релативно стабилен раст во изминативе 10-тина години. Во 2015 година е остварен извозен приход од зелка од 13,6 милиони долари, за да во 2024 година вредноста на извозот достигне бизу 62 милиони долари.


Извозот на зелка е уште еден пример кој докажува дека македонското земјоделство има потенцијал и дека со квалитет, фокус и стратешко позиционирање, локалното производство може да стане глобално конкурентно и да освојува нови пазари.