Според статистичките податоци на српските институции во 2018 година во Србија биле активни и работеле 766 македонски фирми од Македонија, а македонските компании досега имаат инвестирано вкупно 72,5 милиони евра на српскиот пазар. Овие податоци ги изнесе амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ на средбата посветена како да се подобри соработката помеѓу Србија и Македонија, која се одржа во Стопанската комора на Македонија.
Вкупната размена на стоки и услуги помеѓу македонските и српските компании во 2018 година достигнува 1,1 милијарда евра, од кои 198 милиони евра отпаѓаат на размената на услуги.
Инвестициските вложувањата меѓу двете земји се идентификувани како област во која може да се постигне многу повеќе од сегашното ниво, а како поле на кое може многу повеќе да соработуваат македонските и српските компании се посочува и заедничкиот настап на трети пазари.
Според податоците на Народната банка заклучно со 2018 година вкупните инвестиции на македонските компании во Србија изнесуваат 72,5 милиони долари, што е над 75% од вкупните инвестиции на земјата во странство.
Македонските компании во Србија најмногу инвестираат во фармацевтската, металната и електроиндустријата, а најголеми инвеститори во Србија се Алкалоид, Брако, Зегин, Смелт ИНГ и Сивус.
Од Србија во Македонија, пак, заклучно со 2018 година се инвестирани вкупно 101,1 милион долари, што е 1,7% од вкупните инвестиции во земјава.
Српските компании во Македонија најмногу инвестираат во земјоделско-прехранбениот сектор, трговијата и услужниот сектор, а најголеми инвеститори се Свисслион Такова, Комтрејд, Нелт, Виножупа и винарија Чока.
Една од македонските компании кои се силно присутни на српскиот пазар е фармацевтската компанија Алкалоид. Живко Мукаетов, генералниот директор на Алкалоид истакнува дека српскиот пазар е еден од стратешките пазари на компанијата на која се посветено присутни во изминатите 10 години, но и многу важен пазар за економската економија во целост.
“Алкалоид инвестираше околу 10 милиони евра во последните 10 години во Србија во делот на производство, лабаратории, како и сите пропратни елементи кои се потребни за работа на една фармвацевтска компанија. Во моментот вработуваме околу 150 лица во Србија и навистина сме задоволни од односот на државата како странски инвеститор, како и од климата за инвестирање и водење бизнис. Од тука би апелирал до македонските компании, покрај нивно охрабрување да инвестираат во Македонија, да инвестираат и во Србија. Затоа што сметам дека тоа е пазар кој е и културолошки близок до нас и може да ги обезбеди сите услови за една компанија да расте, да се развива и да биде поконкурентна на меѓународните пазари”, смета Мукаетов, кој потенцира дека Алкалоид во моментот ги проширува капацитети во производниот погон во Белград.
Како област за поголема соработка Мукаетов ја истакнува и можноста за разни форми за заедничка соработка со компании од Србија. Како прозитивен пример ја истакнува соработката на Алаклоид со српската компанија Хемофарм.
“Хемофарм за нас произведува одредени форми на лекови и инфузиони раствори кои потоа ние ги продаваме на пазари на кои Хемофарм не е присутен. Исто така, Алкалоид произведува по лиценца производи за компанијата мајка на Хемофарм, групацијата Stada за пазари како Германија, Шпанија… Ова е еден добар пример кој би сакал да го истакнам како пример за синергија и соработка помеѓу две сериозни компании од фармацевтскиот сектор”, истакнува Мукаетов.
И македонските и српските бизнисмени се согласни дека приоритет мора да биде намалување на вкупната бирократија и овозможување на слободно движење на стоките и услугите, хармонизација на регулативата, усогласување на сертификацијата кон европските правила, како и либерализацијата на работната сила во регионот.
Во делот на надворешно трговската размена Србија е најголем трговски партнер на Македонија од сите земји од Западен Балкан и четврт најголем трговски партнер во светот, после Германија, Грција и Велика Британија.
Трговската размена меѓу двете земји била највисока во 2008 година кога се истргувани стоки во вредност од 1,5 милијарда долари. Десет години подоцна, вкупната трговска размена е се уште под тоа ниво и на крајот на 2018 година изнесувала 889 милиони евра. Македонскиот извоз во Србија во 2018 година изнесувал 277 милиони долари, додека увозот од Србија изнесува 612 милиони долари, со трговски дефицит на македонска страна од 334,7 милиони евра.