Мелничко-пекарската индустрија работи со загуби и замрзнати цени, додека увозниците може да ги зголемуваат цените

Одлуката на Владата со која се замрзнаа цените на одредени важни прехрабени производи, а подоцна се дозволи поскапувањето на цените доколку се докажат повисоките увозни цени на тие производи, ја остави домашната мелничко-пекарска индустрија да работи со загуби.

Станува збор за производи како како леб, брашно, масло за јадење, шеќер за кои Владата со одлука на 19 март годинава ги замрзна цените на нивото од 11 март, а подоцна на 24 март одлуката се смени и се дозволи да им се зголеми цената доколку истите производи се од увоз.

Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија реагираат дека ниту во Одлуката, ниту во Измената не се наведени и суровините од коишто се произведуваат овие производи.

“Едноставно кажано, најважните индустрии во државава што ги произведуваат овие артикли, а особено во време на кризава, треба да работат со загуба, па може да го стопираат производството и да ги отпуштат луѓето од работа, а затоа одредени трговци и увозници може да продаваат и прават екстра добивки, со што индиректно го полнат буџетот на други држави”, вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија и директор на „Агроглобал трејд“ – Скопје.

Во меѓувреме, инспекциите се активни на терен, во сите продажни објекти и им забранија на сите да ги продаваат производите произведени во Македонија, ретроактивно од 11.3.2020 година, определувајќи огромни казни за одредени компании.
По извршениот притисок од страна на мелничарите, вели Малишиќ, министерот за економија, Крешник Бектеши на состанокот со мелничко-пекарската индустрија кој се одржал на 3 април, и пред присутните компании, кои претставуваат 80% од домашните производители на брашно, леб и пекарски производи, ветил дека Одлуката ќе биде корегирана со цел да не се блокира мелничко-пекарската индустрија во земјава.

“До ден денес ветувањето не е исполнето, иако цената на домашното брашно е иста или во најмала рака поевтина во малопродажба од увозното. Доколку оваа индустрија до следната жетва ја загуби кондицијата, односно оствари поголеми загуби, тогаш ќе страдаат и 20.000 земјоделци – производители на домашна пченица чие производство ќе остане неоткупено или пак истото ќе биде откупено од  околните држави, а ние ќе останеме без лебно жито”, предупредуваат од Групацијата.

Со ваквата политика, велат мелчничарите, ќе нема кој да ја купи пченицата во жетва, да ја меле истата и да произведува брашно и леб.
Како резултат на лошата политика и одлуки за овој сектор, велат од Групацијата, компанијата „Жито Прилеп“ АД (компанија со странски капитал) веќе ги затворила своите производствени погони.

Од Групацијата додаваат дека со истиот проблем се соочуваат и производителите на масло за јадење и сите засегнати од ваквата одлука.

“Апелираме до министерот за економија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и до Владата, реално да ги согледаат состојбите и уништувањето на домашното производство на пченица и брашно и најитно да ги прифатат нашите барања за измена на Одлуката. Исто така, да се донесе ветената одлука за редовно субвенционирање преку Платежната агенција со 2 денара за откупен килограм домашно произведена пченица на мелничко-преработувачката индустрија, со цел индиректно да се поттикне и да се развие домашното производство на лебно жито”, вели Малишиќ.

Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија упатуваат и апел до ресорните министри и до Владата да се однесуваат државнички и да го заштитат домашното производство на брашно, како најважна гранка за директна преработка на домашно произведената пченица која е заштитена и со Закон и од која зависат 20.000 домашни земјоделци.