ИНТЕРВЈУ

ВИКТОР МИЗО, директор на КОСТАЛ Македонија

И покрај предизвиците со кои се соочуваме како компанија и како индустрија, Костал ја започнува третата инвестициска фаза во постоечката фабрика во Охрид со дополнителна инвестиција од над 50 милини евра во следните 3 години и над 400 нови вработувања. Вложувањето е во најновата технологија наменета за plug-in хибридни возила на групацијата на VW (Porsche, Volkswagen, Skoda, Seat) кои ќе се произвeдуваат во периодот 2024 – 2030 година. Воедно очекуваме раст од 40% на приходите за следната година, со план тие да достигнат 140 милиони евра. За остварливоста на овој инвестициски проект најбитна е достапноста на образован и стручен кадар, вели Виктор Мизо, директор на Костал Македонија во интервјуто за едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2022.

Изминативе две години беа исклучително турбулентни и полни со предизвици за автомобилската индустрија на глобално ниво, а војната во Украина и енергетската криза дополнително ги усложнија условите. Со какви предизвици се соочува Костал Македонија и како тие се одразуваар врз бизнис плановите?

Мизо: Автомобилската индустрија својот врв го достигна во 2017 година, кога продажбата на возила на светско ниво стигна од 95 милиони. Како компанија, ефектот од пандемија го почуствувавме веќе во средината на јануари 2020 година, односно со првите карантини и рестрикции во делови од Кина што негативно влијаеше на набавката на електронските компоненти кои доаѓаат од таму. Набавката на полуповодници останува високо на листата на ризиците, а целосно заздравување, барем на нивото од пред пандемијата, нема да се почуствува дури до 2026 година. Во последниот квартал годинава и во текот на 2023 година, поради инфлаторните движења, растот на цената на енергенсите и на каматните стапки на кредитите, неизвесноста од војната во Украина и речиси неизбежната рецесија, полека но сигурно, притисокот се префрла од страна на понудата (поради нарушениот ланец на добавувачи и лимитираниот број на расположливи микропроцесори) на страна на побарувачката. Во овие околности и претседателот на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA) и извршен директор на BMW, Оливер Зипс, изјави дека за достигнување на климатските цели е неопходна државна помош, посебно за зголемување на уделот во продажбата на електричните возила.

Во целиот овој период нашата индустрија немаше многу опции освен редeфинирање на целите и поставување на агилна и респонзивна структура насочена кон редуцирање на трошоците, подобро планирање на логистичкиот процес, пред сè  заради влошените финансиски проекции. Во состојба на војна, на корпоративно ниво, Костал се соочи со предизвикот на изнаоѓање алтернативи за своите две фабрики во Украина и развојниот центар во Киев. Во релативно краток период требаше да се пренесат машините и калапите на други локации во Европа за обезбедување на континуитет во снабдувањето на нашите клиенти.

Заради флуктуацијата на нарачките од нашите клиенти кои беа погодени од карантините, недостатокот на микрочипови и други материјали (кабли) кои претходно во голем обем доаѓаа од Украина, ние моравме да го адаптираме производствениот процес со максимална флексибилност, што во пракса значеше редуцирање на обемот на производство, изнаоѓање алтернативни добавувачи, намалување на смени или работни денови а при тоа, успевајќи да го оддржиме бројот на вработени и нивните примања. Посветивме и дополнително време за обуки. Само за дел од административните задачи  можевме да примениме “работа на далечина“, бидејќи за разлика од услужните дејности, тука присуството, непосредните контакти и тимската работа во рамките на фабриката се неопходни за оддржување на оперативноста и продуктивноста на високо ниво.

Енергетската криза се чини дека е најгорливиот проблем за бизнисот во овој период. Како Костал се справува со овој проблем? Има ли кратење на производството? Каква поддршка од државните институции би можела да помогне?

Мизо: Во моментов го финализираме процесот на буџетирање за 2023 година. Според досегашното искуство последните проекции се дека учеството на трошокот за струјата како дел од приходите ќе биде 4.5 пати гоголемо од она што беше планирано за минатата 2021 година. Да не заборавиме дека ова се случува во време кога во целата индустрија се намалуваат финансиските проекции за тековната и за идните години, а цените на другите ресурси се зголемени за најмалку 30%.

Во последниот извештај S&P Mobility прогнозира дека високите цени на енергенсите и потенцијалните рестрикции на струја можат да го намалат производството на автомобили во Европа за 40% во следниот период. Или изразено преку бројки, тоа би значело еден милион помалку произведени аввтомобили во секој квартал, почнувајќи од четвртиот квартал од 2022 година па во текот на целата 2023 година.

Реорганизирање на смените, подобро планирање на прекините и застоите во производството, имплементација на софистицирани решенија за енергетска ефикасност, е она на што сме фокусирани. Се обидуваме да ги намалиме трошоците користејќи ја секоја можност за поврзување на неактивното време на опремата (пример: спојување на неработни денови и викенди). Предводени од цели и таргети за континуирано подобрување, изнаоѓаме решенија заедно со нашите вработени за да го намалиме уделот и ударот од кризата (подобро енергетско управување, планирање на грејниот систем и сл.)

Преку Стопанската комора односно Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство, активно се води дискусија со државата за надминување на енергетската криза. Во услови на застој на собраниските постапки за измена и дополна на регулативата од енергетската област, треба итно да се изнајде ефикасен начин за елиминирање на бариерите за поставување и субвенционирање на големи фотоволтаички централи на индустриските објекти со моќност од над 1 MW,  како и да се забрза постапката за издавање на лиценци за продажбата на вишокот струја на сите компании. Некои од сегашните ограничувања се навистина непотребни во ова време кога сите бараат евтина струја од обновливи извори на енергија.  Легитимно е барањето на сите компании, по примерот на земјите од странство, преку помош од државата да се намалат последиците од високите цени на струјата за големите индустрии.

Германија се наоѓа во исклучително тешка ситуација и ќе влезе во рецесија. Македонската автомобилска индустрија е речиси целосно зависна и поврзана со синџирот на снабдување на германската автомобилска индустрија. Како очекувате тоа да се одрази врз нарачките и целокупното работење на оваа индустрија во Македонија која создава над половина од извозот на државата и вработува над 30.000 лица?

Мизо: Проекцииите за рецесијата која ќе следи во 2023 година во Германија покажуваат дека падот на БДП ќе биде околу 0.7% споредено со 2022 година, што со оглед на други случувања може да се смета и за оптимистичко. Во таквата економска состојба, побарувачката на патнички возила ќе опаѓа, а бидејќи тоа ќе се случува и во други европски држави каде се лоцирани нашите клиенти, тоа ќе значи пад на нарачките од фабриките во Македонија, но и во поширокиот регион. Секако, ова нема линерано да ги погоди сите компании со еднаков интензитет.  Оние што се добавувачи за премиум сегментот или електрични и plug-in хибридни возила, ќе поминат многу подобро поради очекуванит раст на нарачките за овие модели од крајните потрошувачи. За разлика од нив, во престојниот период многу поизложени на удар ќе бидат оние компании кои се добавувачи за традиционалните модели на автомобили со внатрешно согорување.

До август годинава, продажбата на нови автомобили во Европа бележеше континуиран пад во период од 13 месеци. Се очекува годинава за Западна Европа да бидат продадени под 10 милиони возила што е за една третина помалку од бројот на призведени возила од пред 3 години. Додека од една страна, имаме пад на производството во индустријата за европскиот регион од 6.2% споредено со претходната година, од друга страна постојано слушаме дека се зголемува извозот од компаниите во ТИРЗ-овите. За да се има јасна претстава за каков раст на извозот од ТИРЗ-овите станува збор добро би било да се знае дали се работи за пораст на количината на извезени производи или на вредноста на извезеното, бидејќи заклучокот може да биде различен. Ако количината на извезени производи е намалена, а расте само вредноста на извозот затоа што цените се зголемени заради повисоките трошоци (на транспорт, енергенси, благородни метали и сл.) тогаш заклучокот за порастот на извозот од ТИРЗ-овите не е толку оптимистички. 

Исто така, перформансите на странските инвестиции присутни во земјата мора да се анализираат во целост. Не се само компаниите во ТИР зоните туку и многу други кои треба да се земат во предвид како оние во Велес, Охрид, Кавадарци, Кочани, Куманово, Битола, Пробиштип, каде бројот на вработени е и поголем од оној во ТИРЗ-овите. 

Затоа, предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија може да доведат до тектонски неповолни придвижувања на националната економија и стандардот во пошироки размери.

И покрај сите проблеми, Костал е навистина една од ретките успешни приказни. Досега се инвестирани над 100 милиони евра, вработени се речиси илјада луѓе, извозот секоја година расте, како и придонесот за регионалниот развој. Бидејќи сте на чело на овој проект од самиот почеток, со какви проблеми се соочува Костал како важен странски инвеститор и колку имате поддршка од државата и нејзините институции?

Мизо: Овој октомври Костал Македонија прославува 6 години работа, а веќе вработува 1030 лица. Интересно совпаѓање е дека во месец септември, како 72-ри месец од почетокот со производство, го достигнавме и највисокиот приход на месечно ниво од над 11 милиони евра. Сепак, овој раст кој се должи, во голем дел, на производството на електронски и мехатронски компоненти, е многу помал од планираното за овој период, бидејќи инвестициите и вработувањата беа реализирани на основа на претходните проекции, што значи дека ние имаме и зголемен степен на aмортизација на средствата, под притисок на намалената побарувачка. Како единствена brownfield инвестиција од овој тип во земјата, особено сме горди што успеавме повторно да го заживееме Охрид и регионот како индустриска локација, токму на место каде претходно беше еден од индустриските гиганти во поранешниот систем. Успехот најмногу се должи на тимската работа и посветеноста на вработените, нивните обуки, но и поддршката која ја добиваме од нашите сопственици од Германија. Амбиентот за работа во мултинационалните компаниите кои се присутни тука, во голема мера зависи од улогата која треба да ја имаат во корпоративната структура, но и проактивноста и посветеноста на локалниот менаџмент. 

На сите внатрешни проблеми пристапуваме самокритично и суштински. За надворешните предизвици, доволно зборува фактот што преземените обврски од институции за соодветно инфраструктурно поврзување на фабриката, конекција на струја и водоснабдување и по 3 години од дадениот рок сè уште не се исполнети. Непостоењето на професионална и посветена служба за грижа на инвеститорите кои постојано ќе се во активен контакт со компаниите, е друг проблем од системска природа, на кој мора да се работи. Кога компании како Костал имаат сериозни планови за дополнителни инвестиции и проширување на погоните, не може локалните процедури за урбанизирање и остварување на имотните права за земјиштето, да се со неодреден период на траење и зависни од нечие постапување на централно или локално ниво –  нешто што го воочуваат сите инвеститори. Ова сериозно ги одложува сите можни бенефити за локалната заедница која треба да има директна корист од нивните инвестиции. Имаме неодговорни и несигурни институции каде и за наједноставните надлежности се бара “покритие“ од повисоки инстанци или други управни тела, префрлајќи ја меѓусебно одговорноста и одвлекувајќи го процесот во недоглед, нормално на штета на бизнисот. Токму затоа, е потребен вистински one-stop-shop центар за грижа на странските инвеститори кој би ги координирал ваквите меѓуинситуционални активности во нивно име, додека тие се концентираат на економскиот и технолошкиот развој на општеството.

Не може постојано да чекаме странски организации или меѓународни експерти да ја вршат нашата домашна работа. Апсурдно е и бирократскиот став на поединци или “тендерирани експерти“ да преовладува над заедничките позициите на странските компании базирани на глобално искуство и стандарди.

Во сите анкети кои ги спроведуваат стопанските комори една од најголемите слабост на земјата останува неефикасноста на јавната администрација.

Какви се идните планови на Костал за работењето во Македонија. Неодамна најавивте нова инвестиција во земјава во проширување на  производството. За што конкретно се работи и колку овие инвестиции се реално остварливи во време на криза?

Мизо: Ја започнуваме третата инвестициска фаза во постоечката фабрика во Охрид со дополнителна инвестиција од над 50 милини евра во следните 3 години и над 400 нови вработувања. Вложувањето е во најновата технологија наменета за plug-in хибридни возила на групацијата на VW (Porsche, Volkswagen, Skoda, Seat) кои ќе се произвeдуваат во периодот 2024 – 2030 година. Воедно очекуваме раст од 40% на приходите за следната година, со план тие да достигнат 140 милиони евра.

За остварливоста на овој инвестициски проект најбитна е достапноста на образован и стручен кадар. Иако слушаме дека земјата треба да стане дестинација само за високоплатени работни места и напредни технолошки компании, се заборава фактот дека првите две странски инвестиции дојдени пред скоро 15 години, сè уште ги имаат меѓу најсофистицираните производи на пазарот и релативно конкурентни плати за наши услови. Компаниите сè уште вложуваат значителни ресурси за спроведување на долготрајни и високоспецијализирани обуки за адаптирање на знаењата и вештините на младите согласно потреби на бизнисот. Затоа, не може да очекуваме брзо и лесно достигнување на нивото на западниот стандард и плати, бидејќи кадарот со кој располагаме тука е далеку под квалитетот на инжинерските профили кои произлегуваат од реномирани технички факултети, а ние допрва треба да фаќаме чекор со земјите од поширокиот регион. Образованите институции треба постојано да ги следат и применуваат последните технолошки и инжинерски трендови од индустријата.

Колку е сериозен проблемот со недостиг на работна сила за Костал и целата оваа индустрија? Колку изминатите иницијативи, како дуално образование и слично даваат резултати и што би помогнало за негово решавање?

Мизо: Проблемот на недостиг од работната сила е значаен фактор во носењето одлуки за натамошни инвестиции, меѓутоа далеку позначајно е како државата, надлежните институции, меѓу кои и образовните, како и другите засегнати страни (стопански комори, работодавачи, баратели на работа) пристапуваат кон решавањето на овој системски проблем. Како потврда на оваа констатација тука би посочил на изјавата на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи кој во едно ТВ гостување презентираше податок дека преку 90% од невработените кај нас се функционално неписмени. Значи битно е како држава да приоритизираме одредени области од образованието, бидејќи добар техничар во фабриката може да има 50% повисока плата од дипломиран правник во јавна администрација. Мора да се обидеме да го смениме фокусот на родителите и учениците од теоретизирање, образование со низок стандард и нереални високи оценки, во насока на стекнување реални технички знаења и вештини. Ситуацијата на ова поле не е ветувачка. Образовните реформи одат со бавно темпо и без цврста стратегија, образовните институции се повеќе ориентирани кон квантитет отколку на обезбедување на квалитетно образование во согласност со потребите на пазарот. Традиционалната не-мобилност на барателите на работа во границите на државата, освен кон Скопје, е фактор плус кој дополнително ја усложнува и така сложената ситуација. Незнам каде на друго место во Западна Европа или Северна Америка, најголемата концентрација на индустријата е во главниот град како што е случајот кај нас?!

Реална е опасноста, како резултат на повисоката понуда на работни места кај нашиот северен сосед, најавените даночни реформи кај нас, како и одличната патна инфраструктура на коридорот Е-75 (Скопје – Белград), добар дел од човечките ресурси (високо образован кадар, менаџерски кадар, мајсторски профили) од земјата во иднина би можел да се одлее таму, посебно од регионот на градот Скопје со околината и Куманово.

Во однос на дуалното образование, одговор е дека резултати има, но и уште три пати повеќе останува да биде завршено, имајќи предвид дека досега една генерација е образувана по тој модел, а и самиот сè уште не е доволно вкоренет во нашата традиција. Костал Македонија е поддржувач на дуалното образование уште од неговите зачетоци. Во училишната година 2022/2023 година, 44 ученици, кои во општинското средно стручно училиште се образуваат по моделот на дуалното образование, престојуваат и се остручуваат во своите стручни профили во фабричките хали. Оваа година, девет ученици веќе го завршија своето образование, а дел од нив веќе се наши колеги.

Костал Македонија активно соработува и со факултетите и другите образовни институции од земјата и странство, обезбедувајќи стручна пракса за време на летото за студентите на техничките факултети со обезбедено сместување во Охрид и можност за вработување по завршување на студиите.

Во Македонија, повеќето реинвестиции во последните три години се од страна на присутните трудоинтензивни компании, што значи дека цената на трудот во земјата, колку и да не сака некој да го прифати тоа, останува меѓу најбитните фактори при носењето на одлуката за инвестиција.

По примерот на земјите од ЕУ, и локалната законска рамка овозможува поддршка за тренинг и обуки на вработените заради стимулирање на инвестициските одлуки, но во последните години ова не е пракса тука. Малку веројатно е дека без дополнителните обуки и тренинзи во компаниите, продуктивноста и знаењето на македонскиот работник и инженерите, ќе го достигнат нивото на оние од другите локации.

Намалувањето на царински давачки за увоз на потребните делови беше едно од клучните барање во изминатиов период. Дали е тоа конечно решено и како ќе се одрази врз работењето на компаниите и економијата?

Мизо: Прашањето е решено позитивно. Разговорите за усогласување на увозните давачки со оние во ЕУ зоната беа водени преку Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство при Стопанската комора во период од речиси три години. На иницијативата се приклучија и домашни компании со што се покажа неопходноста на ваквата мерка за оддржување на конкурентноста на стопанството во поширока смисла. Директно, ова го потврди и Светската банка во својот најнов извештај – Стратегија за трговската политика 2.0. Очекуваните бенефитите од мерката се повеќекратни: зголемен обем на трговска размена, повеќе средства за инвестиции и нови вработувања. 

Сепак, продолжуваме да работиме понатаму на поедноставување на бирократските барања во царинските постапки, а на последниот состанок на Асоцијацијата со економскиот тим на Владата беше повторно отворена можноста за проширување на листата на тарифни броеви за усогласување за потребите на стопнаството, што дополнително ќе креира конкурентен потенцијал, како за сегашните така и за идните инвеститори во државата.

Заради големите промени кои почнаа на геостратешки план уште и пред пандемијата, во светот се случува процес на скратување на синџирите на снабдување и доближување до главните пазари. Кои се шансите на Македонија во овој процес и што е пресудно за инвеститорите за да ја одберат Македонија за преселување на дел од производството?

Мизо: Near-Shoring постои како концепт, но има многу малку емпириски докази за тоа дека се реализира во пракса. Големите корпоративни играчи инвестираат во земјите во кои имаат долгорочни и искрени контакти. Неколку етаблирани експерти од областа, феноменот го читаат и како Friend-Shoring, што значи дека инвестициите одат таму каде што имаат долги и пријателски релации со земјата без разлика на националните политики. 

Мислам дека во изминатите години можевме многу повеќе да  вложиме во промоција на земјата преку активно контактирање на сериозни инвеститори или добро испланирани учества на реномирани конференции и саеми. Освен неколкуте префрлувања на прозводствена опрема од Украина, повеќето проширувања на постоечките капаците во земјава беа предвидени уште во нивните иницијални инвестициски планови кога компаниите иницијално инвестираа кај нас. Во последното издание на 100 Најголеми извозници освен една компанија, сите останати странски инвеститори од лесната производствена индустрија се компании кои работат во земјата подолго од три години т.е. пред да започнат потресите во глобалните ланци на добавувачи.

Ова се времиња каде се потребни ѝ брзи одлуки базирани на конзистентна и јасна поддршка од страна на државите, без ad-hoc измени на правилата на игра. Доколку сакаме вистински успех во привлекувањето на странски инвестиции треба сите зедно искрено и транспарентно да поработиме на овa поле.

Пред 15-тина години Македонија воопшто немаше индустрија за автомобилски делови. Во почетоците бевте вклучени во процесот на привлекување на странските инвеститори, кои и денеска имаат голем придонес во македонската економија. Со оглед дека го имате искуството и од двете страни на процесот, што сметате дека би можело сега да се направи за земјата да привлече повеќе инвеститори во производството кои би го зголемиле извозот и би повлекле поголем развој на локалната економија?

Мизо: Треба да се ангажираат повеќе професионалци кои го разбираат начинот на работењето на големите мултинационални компании, благодарение на нивното образование, престој или работа во странство. Паралелно, неопходна е сеопфатна секторска анализа како поддршка за таргетирање на компании и индустрии  кои сакаме да ги привлечеме и за кои имаме или, за кратко време може да создадеме, релевантен кадар кој ќе одговори на нивните потреби (пример: медицински помагала, биотехнологија и сл). Неактивноста, непосветеноста и недоволната инвентивност во промовирањето на државата, ни го одзеде приматот на инвестициска локација за производството во регионот.

Немаме многу време за јалови дебати, мора што поскоро да ги забрзаме сите процеси во земјата потребни за водење на бизнисот. Има и многу да се направи во делот на реструктурирање на државните агенции и тела кои треба да работат со странските инвестиции без меѓусебно ривалство.

Влезот и растот на автомобилската индустија во земјата го означува еден од најголемите структурни пресврти во националната индустрија и економија, што е потенцирано во повеќе меѓународни студии.

За поголеми достигнувања во оваа и во други индустрии, мора да имаме национална стратегија и на сите да ни стане јасно дека во процесот на привлекувањето на сериозни брендови нема простор за политиканство или популистички пристапи, туку висок професионализам, посветеност и исполнување на договореното.