ИНТЕРВЈУ


Александар Младеновски, директор на Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони


 

 

ИзвозМК: Пандемијата на коронавирусот има големи негативни влијанија врз целата светска економија и врз македонската. Што покажуваат податоците, колку е погодено работењето на компаниите во зоните. Колкав е извозот и увозот на компаниите во првите четири месеци годинава?

Младеновски: Во Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони реагиравме многу бргу со сите наши капацитети за да ги амортизираме негативните ефекти од пандемијата. Согласно препораките на Владата обезбедивме посебни протоколи како за работа, така и за движење на добрата во и од Зоните со цел пороизводствените капацитети да не престанат со работа. Како што знаете, во Технолошките индустриски развојни зони најзастапени се компаниите производители на компоненти за автомобилската индустрија. Кон средината на месец март повеќето производители на автомобили (OEMs) ги затворија своите производни капацитети поради здравствената криза со пандемијата на глобално ниво.
Уште во јануари настанаа проблеми во ланецот на добавувачи од Кина и драстичниот пад на продажбата на автомобили. Генерално, најбрзо и најмногу погодени од кризата се трудоинтензивните компании и дел од нив беа затворени на краток рок, користеа колективен годишен одмор и слично, но не дојде до масовно отпуштање на вработените.

Во вакви услови бројките за увоз и извоз не ја даваат вистинската слика на активностите во ТИР Зоните бидејќи дел од компаниите го продолжија производството со суровински материјали од нивните резерви, додека дел од производството не е извезено поради затворените фабрики на клиентите, како и поради отежнатата транспортна логистика.

Извозот забележа огромен пад во месец април, но веќе во мај истиот почнува да се нормализира. Од почетокот на 2020 година компаниите од автомобилската индустрија имаат незначително намалување на бројот на вработени од 2% во споредба со минатата година, но тоа не е само поради пандемијата, туку и  поради глобалната рецесија на автомобилската индустрија.

ИзвозМК: Проценките се дека пандемијата ќе влијае врз интересот за инвестирање во странство. Какви се податоците со кои располагате? Има ли некои најави за откажување на веќе најавените или инвестиции и до каде е нивната реализација?

Младеновски: Засега немаме откажувања на проекти и континуирано работиме на сите проекти кои ги имавме започнато пред почетокот на пандемијата. Поради затворените граници е отежнато работењето, но работиме на сите активности кои може да се реализираат во вакви услови.
По отворањето на границите очекуваме и потпишувања на нови договори за закуп на земјиште во ТИР Зоните и отпочнување на нови проекти.
Како дел од економскиот тим на Владата на РСМ во правец на спроведување на економските политики од моето доаѓање на оваа позиција вложувам голем напор за диверзификација на производството во ТИР Зоните, токму со цел да не зависиме само од еден сектор.
Во оваа ситуација голем број сектори доживеаа огромен пораст. Дел од новите проекти се токму од овие сектори и тука посебно би ја истакнал инвестицијата на германската компанија Герешхајмер која произведува медицинска опрема и апарати за најголемите фармацевтски компании во светот.

ИзвозМК: Какви се најавите од компаниите во зоните за следниот период, има ли некој најави за затворање на капацитети, намалување на производството или отпуштање на работници?

Младеновски: Мислам дека се уште е рано за било какви прогнози кои ќе бидат долгорочните ефекти од оваа глобална криза. Во периодот до кризата еден од најважните критериуми за донесување на одлука за инвестирање во една земја беше расположива и едуцирана работна сила.
Компаниите кои се веќе подолго време присутно во нашата земја имаат огромен човечки потенцијал во кој кој имаат многу инвестирано од аспект на тренинзи, обуки и усовршување. Тоа ми дава огромна надеж дека компаниите со сите сили ќе се изборат да ги задржат своите вработени, бидејќи оваа криза секако ќе заврши и ќе се нормализира потрошувачката во сите сектори.

ИзвозМК: Во светот моментално се случува процес на регионализација на ланците за снабдување и намалување на зависноста која многу индустрии ја имаат од Кина. Може ли Македонија да има корист од овој процес, колку би биле интересни како држава и дали се планира да се покаже поголема проктивност како државата во привлекување на нови инвеститори во овој процес?

Младеновски: Оваа криза покажа многу неправилности и слабости во поставеноста на ланците за снабдување на глобално ниво.
Многу компании оваа ситуација ќе ја искористат за реорганизација на начинот на кој ќе работат во иднина и ние тука гледаме огромна можност за привлекување на нови инвеститори бидејќи реално сме една од најконкурентните бизнис дестинации во регионот на Југоисточна Европа.

Во изминатите три месеци сме во редовна комуникација со сите компании кои пројавиле интерес за инвестирање, но посебно ме радува што добивме и неколку најави за нови проекти.

Интензивно работиме на градежни активности во повеќе ТИР Зони во земјата и на тој начин се подготвуваме за поголема економска активност после кризата.

ИзвозМК: И покрај најавите дека државната помош која ја добиваат странските инвеститори ќе биде јавна, во новите договори повторно не е откриена сумата која ја добиваат од државата? Зошто се продолжува праксата која беше критикувана  и ја практикуваше претходната власт?

Младеновски: Законот за Технолошки индустриски развојни зони и Законот за финансиска поддршка на инвестициите јасно ги дефинираат начинот и условите за доделување на државна помош.  Можам да кажам дека транспарентноста на овие процеси се постави на цврсти правни основи. Мерките се јасно дефинирани и нудат предвидливост за обемот на поддршката што секој инвеститор може да ја очекува.
За таа функција е изработена и софтверска алатка достапна за секоја заинтересирана компанија со која однапред може да се пресмета каква финансиска поддршка може да очекува компанијата согласно параметрите на инвестицијата.

Од друга страна, согласно Законот за контрола на државната помош, сите решенија на Комисијата за заштита на конкуренцијата за одобрување на планираната државна помош која се доделува со договорите за државна помош, а донесени врз основа на известување од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, се објавуваат во “Службен весник на Република Северна Македонија” и на веб страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но, согласно овој закон и Законот заштита на конкуренцијата, корисниците на државна помош имаат право да ги обележат деловите кои се деловна тајна и кои како такви не се објавуваат.


ИзвозМК: Каква е моменталната ситуација сега со зоните во земјата? Колку зони има и што се работи во моментов?

Младеновски: И покрај забавената динамика на работа наметната од здравствената криза со Ковид 19, Дирекцијата на ТИРЗ има низа активности во различни фази на реализација во повеќе зони во сите региони на државата. Би издвоил неколку проекти со кои ја подобруваме операбилноста на зоните. Јавните инвестиции во патната инфраструктура се комплементарни со инвестирањето во инфраструктура во ТИРЗ.

Во Прилеп за сообраќајно поврзување на ТИРЗ Прилеп, градиме два натпатника, чија инвестиционата вредност изнесува 240 милиони денари. Се работи на внатрешната инфраструктура во зоната што се состои од сообраќајница со атмосферска и фекална канализација и улично осветлување, чија инвестициона вредност е 45 милиони денари.
Во истата зона е изграден доводниот  водоснабдителн систем  со вкупна инвестициона вредност од  50 милиони денари.

Во ТИРЗ Струга во завршна фаза е изградбата на клучката за влез/излез во/од зоната, инвестиција од  135 милиони денари.  Завршен е водоснабдителниот систем за ТИРЗ Струга.  Во рамките на ТИРЗ Струга се работи на изградба на втората фаза – сообраќајница, водоводна линија,атмосферска и фекална канализација, улично осветлување, со инвестициона вредност од 42.000.000 денари.

Во зоната во Кичево сме во втората фаза од внатрешната инфраструктура која се состои во изградба на  сообраќајница, атмосферска и фекална канализација и улично осветлување во должина од 500 метри со инвестициона вредност од 20.500.000,00 денари.

Во Штип, Дирекцијата за ТИРЗ е во постапка на проектирање, а потоа и изградба на сообраќајното поврзување на булеварот од ТИРЗ Штип со клучката за ТИРЗ Штип.  Во фаза е изработка на проектна документација за терминалот за тешки товарни возила, по што ќе следи изведба на истиот, со целокупната инфраструктура, објекти и опрема.

Во ТИР зоната Струмица во тек е изведба на терминал за тешки товарни возила со инвестициона вредност од 48 милиони денари.

Мораме да потенцираме дека на изградбата на вакви капитални инфраструктурни проекти, претходат многу активности во подготвителниот период, на кои се посветени цели тимови на вработени во Дирекцијата на ТИРЗ, а истите “не се видливи” во јавноста.
Пред сè, мислам на експропријацијата на земјиштето, проектирање и ревидирање на проектите, спроведување јавни набавки за секој чекор од реализацијата на секој проект (од избор на проектант, ревидент, изведувач, надзор), добивање на градежни дозволи и дозволи за употреба.

Од големо значење за зоните ќе биде и изградбата на гасификацијата во Република Северна Македонија. Можноста да се обезбеди пренос и приклучок на гасот до индустриските капацитети ќе биде компаративна предност во привлекување на странски инвестиции.

Кога станува збор за Зоните во Скопје, ТИРЗ Скопје 1 зафаќа површина од 140 хектари и таа е целосно инфраструктурно операбилна и пополнета со индустриски капацитети .
ТИРЗ Скопје 2 зафаќа површина од 97 хектари, во неа работат неколку капацитети, а што се однесува до инфраструктурата во фаза е изградба на заокружување на комплетната инфраструктура–сообраќајници, водовод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување по булеварот, однсно комплетната инфраструктура околу новите инвестиции во ТИРЗ Скопје 2 чии објкети/капацитети се во тек на изградба.
Инвестиционата вредност изнесува 107.000.000 денари, а изведувачи и Надзорен орган се домашни компании.

Поради пополнетоста на Зоните 1 и 2 во Скопје се работи на проширување на простор за нови инвестиции со нова ТИРЗ Скопје 3, која е со големина од 44 хектари. За Зоната веќе е изготвена проектната документација за сите фази  и по основањето на зоната може да се почне со нејзина градба. ТИРЗ Скопје 3 се граничи со ТИРЗ Скопје 2 долж северната страна.