Откако инфлацијата достигна рекордни високи 19,8% во октомври, Народната банка вчера одлучи да ја зголеми каматната стапка за 0,75 процентни поени, со што каматните стапки во земјава достигнаа високи 4,25%.
“Во однос на најновите показатели, годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%. Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2%, од кои и натаму ¾ се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. И покрај тоа што факторите коишто придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања, со што овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција”, велат од Народната банка.
И покрај тоа што Народната банка неколкукратно ја зголеми каматната стапка која пред седум месеци изнесуваше 1,25%, инфлацијата не покажува знаци за намалување, туку напротив се зголемува.
Иако досега високата инфлација се објаснуваше дека е од претежно увозен карактер, последните движења и структурата на инфлацијата покажуваат дека инфлацијата станува болест сама за себе чии последици ќе треба да се санираат подолго време.
Инфлацијата од речиси 20% значи големо намалување на реалните плати и животниот стандард, а ако таа продолжи да расте сосема е сигурно дека ќе резултира со големи социјални нарушувања во економијата и општеството. Се погласни се барањата за зголемување на платите и заканите за штрајк доколку тоа не се случи. Во услови кога се позивесна станува дека следува рецесија, односно пад и забавување на економијата.
Од тие причини Народната банка со својот последен потег за зголемување на каматната стапка за 0,75 процентни поени покажува уште поголема решеност да ја стави инфлацијата под контрола. Но, ова има и своја цена.
Големото зголемување на каматната стапка од страна на Народната банка во обид да ја стави под контрола инфлацијата значи дека граѓаните и економијата ќе платат висока цена. Бидејќи зголемувањето на основната каматна стапка во економијата на 4,25% сосема сигурно ќе повлече и зголемување на каматните стапки кои ги наплатуваат банките, а неизбежна последица е забавување на економската активност.
И повеќето централни банки во светот посегнаа кон зголемување на каматните стапки во обид да ја стават под контрола инфлацијата која се искачи на 40 годишен максимум, а резултатот веќе се гледа преку забавување на економиите. Проценките на аналитичарите се дека последиците од овој оштар маневар на монетарните власти ќе се чувствуваат и во текот на следните две години.
И од Народната банка сметаат дека остануваат големи ризиците и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија. “Оттука, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка”, предупредуваат од Народната банка.