Винарската визба Тиквеш информира дека првата половина годинава ја заврши со пад на продажбата и профитабилноста.
Финансиските извештаи објавени на Македонската берза покажуваат дека најголемата винарница Тиквеш во првите шест месеци годинава имала консолидирани приходи од продажба од 11,1 милион евра, кои се помали за 18% во споредба со истиот период лани.
Околу 51,8% од приходите од продажба Тиквеш ги остварил од продажба на вино на странските пазари. Извозот на Тиквеш во овој период бележи пад од 14% и изнесувал 5,65 милиони евра.
Продажбите на домашниот пазар бележат поголем пад од 22%, од што компанијата заработила 5,5 милиони евра.
Нето добивката на Тиквеш во првата година изнесувала околу 176 илјади евра и е помала за 69% во споредба со истиот период лани.
Тиквеш и останатите винарници во земјава имаат поголем пад на продажбата на домашниот пазар и помал пад на извозот, од почетокот на пандемијата, предизвикан пред се од затворањето на угостителско – туристичките објекти, каде што се пласира најголемиот дел од флашираното вино.
Во текот на изминатата 2019 година извозот на вино изнесуваше 51 милион евра. Според податоците од Државниот завод за статистика извозот на вино во првата половина годинава изнесува 20,7 милиони евра и е за само околу 4% помал во споредба со истиот период лани.
Големите производители на вино од Италија, Шпанија и Франција се соочуваат исто така со големи залихи од кои се обидуваат да се ослободат заради што влијаат на континуирано намалување на цените на виното на клучните извозни пазари и за повеќе од 25%. Тоа создава дополнителен притисок за намалување на цената и на македонското вино и предизвикува намалување на вкупниот девизен прилив од пласманот на вино на странските пазари.
Дополнително, сите клучни пазари на кои се продава македонското вино започнуваат кампањи за промоција на локално произведените вина, вклучувајќи ја и Кина, со што дополнително ќе се отежни пласманот на македонското вино на странските пазари во следниот период.
Неодамна од Здружението на на вино предупредија дека заради падот во продажбите на вино, винарниците се соочуваат со огромни залихи и намалена ликвидност, што го загрозува годинешниот откуп на грозје. Заради тоа беше побарана системска поддршка од страна на државата за да се спаси колапсот во винската индустрија.