ИНТЕРВЈУ
Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк
Прехранбената индустрија се соочува со големи предизвици во работењето со почетокот на падемијата на Ковид 19. И покрај тоа што на почетокот на кризата, кога се затворија границите, потрошувачката на основни прехранбени производи беше зголемена, сепак затворањето на хотелите, рестораните, училиштата…создаде голем удар врз потрошувачката на одредени производи, посебно во млечната индустрија.
Но, пандемијата на Ковид 19 на површина извади една нова, подзаборавена парадигма, а тоа е дека домашното производство на храна е прашање на национална сигурност, заради што многу држави го ставија како приоритет зголемувањето на домашното производство на храна и намалување на зависноста од увоз.
За проблемите и предизвиците во млечната индустрија и начините како да се зголеми домашното произдводство разговаравме со Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк, најголемата млекара во земјава.
ИзвозМК: Со какви проблеми се соочи Вашата компанија и воопшто прехранбената индустрија од почетокот на пандемијата со Ковид 19?
И покрај генералната перцепција дека млечната индустрија, а во тие рамки и БиМилк не претрпеа негативна последица од кризата и рестриктивните мерки предизвикани од глобалната пандемија на вирусот КОВИД19, сепак кога ќе се навлезе подлабоко, работите сепак не се така „бели“…
Влијанието на кризата може да се групира во неколку точки.
Затворањето на ХоРеКа и ПеРеКа каналот, значеше и загуба на голем потенцијал на потрошувачка на производи со висока додадена вредност (особено сирења и кашкавали), како и загуба на продажба на мали формати, кои генерално се попрофитабилни.
Понатаму, загубата на т.н. тендерски продажби, по компании, училишта…
Исто така, во изминатиов период имаше фокус на потрошувачите кон основните производи (трајно млеко), поголеми пакувања на кисело-млечни производи производи (1,5Л и слични семејни пакувања/формати), како и откажување од млечни производи со поголема додадена вредност (павлаки, кремови, млека со вкусови, сирења, кашкавали), што значи и пад на приходи и профитабилност сметано по литар/килограм производ.
Дел од малите производители, со ограничен пристап кон големите ланци на супермаркети, како и оние со помал обем на производство упатени на продажба од врата на врата и во ХоРеКа каналот, трпат ненадоместиви штети.
Во делот на ланецот на снабдување, освен зголемените трошоци за хигиена и дезинфекција, производителите без исклучок се соочуваат со зголемени трошоци за работна сила (потреба дел од вработените да бидат надвор од производниот процес во периоди од по 14 дена заради превенција и обезбедување континуитет во непосакуван случај, прекувремена работа поради нагло зголемување на обемот на производство и дистрибуција на производи со помала продажна вредност по литар/килограм), зголемени логистички трошоци, поскапени репроматеријали за пакување.
Некаде во средината на март, постоеше ризик и за целосен застој во снабдувањето на клучни репроматеријали.
За среќа, со зголемен ангажман на компаниите, но и сите релевантни државни институции, транспортните коридори и континуитетот на снабдувањето беа многу брзо вопоставени.
И покрај сите овие предизвици, БиМилк во целина се мобилизираше уште од самиот почеток на вонредната состојба и кризата предизвика од глобалната пандемија на КОВИД19, при што пазарот во континуитет беше снабдуван со здрав и исправен производ.
Со задоволство можам да кажам дека превентивните мерки и процедури дадоа резултат и во рамки на компанијата досега немавме ниту еден ден застој. Но, предизвиците остануваат, поради што продолжува нашата состојба на тревога и спремност на највисоко ниво.
ИзвозМК: Дали се соочувате со откажани нарачки од странски партнери и какви се проценките за извозот на Вашата компанија годинава?
Млекара АД Битола е претежно ориентирана на извоз во поблиското окружување (Косово, Албанија, Србија). Во тој дел, состојбата од почетокот на кризата предизвикана од вирусот КОВИД 19 е доста флуидна и зависна од развојот на состојбите (воведување или олабавување рестриктивни мерки) и планирањето станува голем предизвик.
Со првите откажувања на нарачки и веќе договорени количини се соочивме веќе кон крајот на март, за некаде кон крајот на април и во текот на мај со олабавувањето на мерките, состојбите да се стабилизираат и се вратиме на количини извоз кои беа планирани и вообичаени.
Состојбата почна да се менува кон крајот на јуни и првите денови на јули, со ескалацијата на бројот на заболени во регионот, повторното воведување рестриктивни мерки, па повторно имаме откажување на значителни количини за извоз.
Сето ова внесува голема доза на неизвесност, која ќе повторам секое прогнозирање го прави многу неблагодарно. Но, она во што можеме да бидеме сигурни е дека нема да можеме да очекуваме целосно враќање во нормала и на претходните состојби.
Одговорот на тоа е внатрешно престројување со цел да се обезбеди поголема агилност и флексибилност на организациите и спремност за брзи прилагодувања.
ИзвозМК: Дали намалената економска активност и падот на продажбите создаваат проблеми наплатата и ликвидноста? Колку мерките од државата помогнаа да се ублажат негативните последици?
Во делот на извозот, нашата деловна политика предвидува постоење на банкарски гаранции, така што во тој дел не очекуваме поголеми проблеми, со оглед дека стабилноста на финансискиот систем во регионот не е доведена во прашање.
Што се однесува до внатрешниот пазар, веќе почнуваме да се соочуваме со првите проблеми и потешкотии на дел од купувачите во плаќањето на обврските по купените производи, во најголем дел во делот на мали локални продажни објекти, пекари, ресторани.
Ова е логично и очекувано со оглед дека овие типови на продажни објекти беа и најмногу погодени од ударот на кризата.
Интервентните мерки со поддршка на државата секако допринесоа да се ублажат овие состојби, а добро е што финансискиот систем е исклучително стабилен и има можности за поддршка на стопанството и потрошувачката.
Но, не би исклучиле дека во четвртиот квартал состојбите со наплатата на побарувањата можат да се влошат, особено ако кризата добие на интензитет, место да спласнува.
ИзвозМК: Какви мерки и политики би биле од помош за поддршка на работењето и за зголемување на конкурентноста на извозот на вашата компанија и индустријата во која работите од страна на Владата и државните институции, како и финансиските и осигурителни институции во земјата?
Најголем предизвик во делот на млечната индустрија во земјата е падот на сточниот фонд и количините на сурово млеко кои се нудат, како и квалитетот на понуденото млеко.
Проблемот е од структурна природа и може да се стави во неколку точки:
- Доминација на мали производители (70% од количите доаѓааат од мали фарми со 1 до 5 крави) чиј број постојано паѓа, а консолидацијата во смисла на окрупнување на фармите не е доволна да ги надополни загубените количини.
- Ниска продуктивност по грло, што предизвикува високи трошоци на производство и висока цена (повисока дури и од пазарите во ЕУ, при квалитет кој сеуште е далеку од стандардите на ЕУ), а сето тоа не оди во прилог на долгорочниот развој на дејноста.
Оттука, клучен предизвик е да се спречи натамошниот пад на суровинската база, а потоа да се премине и на развојна компонента, зашто располагањето со доволни количини квалитетна суровина е клучен предизвик за воопшто да можеме и да размислуваме за извоз.
За таа цел, млечната индустрија во земјава бара и очекува:
- Што е можно побрз почеток со исплата на средствата од мерката за увоз на стелни јуници, за што веќе постојат издадени решенија. Го сметаме за клучно за да не се изгуби довербата во овој извонреден проект и соодветно да се размислува развојно наместо статично.
- Што е можно побрз почеток со исплата на субвенциите по литар предадено млеко или барем издавање решенија за истите
- Активирање механизми за заштита на производителите кои поради кризата не можеле да ги продадат залихите на сирење, кашкавал, путер.
- Производството и преработката на млеко да добијат позначајно место во економските политики и програмските документи на надлежните институции за носење на политиките во аграрот, но и на институциите надлежни за имплементација на овие мерки и политики.
Од страна на преработувачите на млеко, потребно е да се направи едно посеопфатно согледување и квантификација на импактот на кризата предизвикана од КОВИД и особено на очекувањата на производителите и преработувачите за нареден период од 6 до 12 месеци.
Со несмалено темпо треба да продолжи поддршката која се дава на кооперантите преку форми на гаранции, финансирања, авансирање, поддршка на капитални и развојни вложувања, техничка помош, особено во делот на подигнувањето на квалитетот.