Производителите на автомобили во Кина губат милиони долари дневно

Затворањето на фабриките во епицентарот на епидемијата на коронавирусот, кинескиот град Вухан, ги чини водечките производители на автомобили во светот, вклучувајќи ги Honda, Nissan, General Motors и Ренаулт, околу 5,69 милиони долари дневно, пренесуваат кинеските државни медиуми.

„Некои добавувачи на делови во Вухан сега се потпираат на залихите, но залихите наскоро ќе ги снема. Друг проблем лежи во мрежата за испорака или ланците за снабдување, кои не се вратени во нормала “, пишува Глобал тајмс.

Градот Вухан во провинцијата Хубеи, каде се верува дека епидемијата почна е еден од најголемите автомобилски центри во Кина, и во него работат повеќе американски, европски и јапонски производители на автомобили.

Само во 2018 година повеќе од 1,7 милиони автомобили во вредност од околу 57 милијарди долари беа произведени во производните линии во овој град.

Продолжена пауза

Бидејќи Вухан е ставен во карантин од крајот на јануари, објектите лоцирани во него и во соседните области воопшто не го  рестартираа производството по продолжената пауза за Лунарната нова година.

На компаниите со седиште во Хубеи нема да им биде дозволено да продолжат со работа пред 11 март, па дури и ако епидемиските ограничувања не бидат продолжени, на производителите на автомобили ќе им требаат уште неколку недели за да се вратат во нормала.

Резервни добавувачи

Дури и откако ќе се започне со производство, ќе бидат потребни околу месец и половина за фабриките да се вратат во целокупниот капацитет што го имаа пред појавата на епшидемијата со вирусот.

Корона вирусот само покажа колку глобалните ланци на снабдување, вклучително и автомобилската индустрија, зависат од Кина.
Ова би можело да ги принуди светските производители да бараат резервни добавувачи, како Индија или Тајланд, за да се спречат загубите и да ги заштитат брендовите.