Производните цени во Германија достигнаа ново рекордно ниво во април, зголемувајќи се за повеќе од 33%, најмногу поради растот на цените на енергијата, објави германската федерална статистичка служба Дестатис.

Индексот на цените на производителите на индустриски производи во април скокна за 33,5% на годишно ниво, што е највисок раст во Германија досега, објави Дестатис. Во март зголемувањето изнесувало 30,9%.

Цените на енергијата бележат скок за 87 % во однос на минатата година и 2,5 % во однос на март.

Трицифрениот пораст на цените на природниот гас останува главната причина за поскапувањето на енергенсите. Електраните мораа да плаќаат четири пати повисока цена во споредба со една година порано, при што цените се зголемија за 260% за индустриските потрошувачи и 170% за препродавачите, соопшти германската агенција за статистика.

Струјата поскапе за 87%, цените на лесното масло за греење, пак, се зголемени за 102%, а на моторните горива за 46 %.

Без енергијата, вкупниот индекс на цените на производителите порасна за 16,3% на годишно ниво и за 3%на годишно ниво.

Инфлацијата на највисоко ниво од 1981 година

Инфлацијата, мерена преку потрошувачките цени, во април во Германија изнесуваше 7,4 %, што е повеќе од истиот месец лани.

Поради највисоката инфлација во последните 40 години, германскиот парламент во четвртокот усвои пакет мерки за економска помош за граѓаните, вклучително и воведување месечен билет за јавен превоз од само девет евра низ целата земја.

Пакетот вклучува и намалување на даноците на бензинот и дизелот за кварталниот период, со што даноците за енергија се спуштаат на минималното ниво дозволено во Европската унија.

Додека владите во земјите од еврозоната се обидуваат да им помогнат на граѓаните да се справат со зголемените животни трошоци, Европската централна банка (ЕЦБ) најави укинување на монетарните стимулации, воведени за да и помогнат на економијата за време на кризата со коронавирусот.

Очигледно, овие стимулации ќе бидат укинати на крајот на вториот квартал, а потоа се очекува зголемување на каматните стапки за да се намали инфлацијата.

Стравувањата се дека тоа може да го забави закрепнувањето на економијата погодена од корона кризата.