Европскиот парламент во посебна резлуција повикува на план за безбедност на храната со кој ЕУ мора да стане помалку зависна од трети земји и да се диверзифицира увозот на суровините, вештачкото ѓубриво и сточна храна.

Европската унија мора да ја зајакне сопствената безбедност на храната и независноста и отпорноста на земјоделскиот сектор соочувајќи се со последиците од пандемијата, војната на Русија против Украина и климатските промени.

Ова се наведува во резолуцијата усвоена од Европскиот парламент вчера, на 14 јуни со 447 гласови “за”, 142 гласови “против” и 31 “воздржан”.
Европската унија мора да стане помалку зависна од трети земји, а снабдувањето од увоз со клучни суровини за производство, вештачки ѓубрива и сточна храна мора повеќе да се диверзифицира.

Во резолуцијата, Европскиот парламент повикува на план за безбедност на храната заснован на резерви на храна, стратегија за протеини и добиточна храна и финансиска поддршка за европските фармери.
Финансирањето за пристап до дигитални технологии и прецизно управување со културите е важно за зголемување на приносите и намалување на употребата на производи за заштита на културите и водата.
Треба да се започне нова европска програма за модернизација на капацитетите за наводнување и промовирање на нова инфраструктура за управување со водите.

Резолуцијата повикува на европски кампањи против фрлањето храна и национални програми против фрлање храна. Супермаркетите мора да соработуваат со банките за храна, а се бара и инвестиции во инфраструктурата за поодржлив транспорт и складирање на земјоделските производи.
Во трговските договори ќе треба да се вклучи поглавје за храна и земјоделски производи за да се избегне нелојална конкуренција со производителите од трети земји, кои се предмет на помалку строги закони.

Иако се признава дека Европскиот зелен договор е потенцијална „пресвртница“ во транзицијата на Европската унија кон позелена, поодржлива и поотпорна економија и земјоделство, се посочува дека некои од предложените мерки може да имаат несакани ефекти, кои не се соодветно оценети. Затоа, Европската комисија мора да обезбеди претприемништвото и активностите во земјоделството стратешки да се одржуваат низ Европската унија при спроведувањето на Зелениот договор.