Иселувањето на младите луѓе од руралните средини, ниската откупна цена и големиот раст на добиточната храна и другите трошоци се главните причини заради кои, според производителите, производството на млеко во земјава се намалува и станува неисплатливо.

1 јуни се одбележува како Светски ден на млекото за да се оддаде признание на производителите на млеко и на млекото како многу значајна храна.

Македонија, барем според податоците од Државниот завод за статистика не може многу да се пофали кога станува збор за производството на млеко.
Податоците покажуваат дека минатата година во Македонија биле произведени 324,3 милиони литри млеко, што е најниска количина на млеко произведена во земјава во последните 10 години.

И покрај субвенциите кои ги добиваат одгледувачите на крави, повеќето производители на млеко со години предупредуваат на многу проблеми заради што многу од нив ја напуштаат оваа дејност како целосно неисплатлива, пред се заради високите трошоци за производство и ниската откупна цена.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани во Македонија имало 97.451 млечна крава, а нивниот број секоја година се намалува. За споредба со 2016 година во земјава имало 125.243 млечни крави, што е околу 30 илјади помалку од пред шест години или намалување за 22%.

Производството на млеко во Македонија се карактеризира со голем број мали фарми, традиционалните фармери се 75% од вкупниот број, кои имаат нископродуктивни од една до три крави, со ниско годишно производство на млеко од две до три илјади литри по крава.

Увозот на млеко руши рекорди

И додека се намалува производството на млеко, податоците покажуваат дека увозот на млеко и млечни производи од година во година се зголемува.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата 2022 година во Македонија биле увезени млеко и млечни производи во вредност од 81,5 милиони евра, што е раст од близу 25% за само една година. Големиот раст на увозот лани пред се се должи на високиот раст на цените со оглед дека увезените количини се намалени. Што значи дека за помали количини сме морале да плаќаме повеќе.

Увозот на млеко има постојан раст.
Колку за споредба пред 10 години земјава увезувала млеко и млечни производи во вредност од 37,8 милиони евра, што значи за овој десетгодишен период возот е зголемен повеќе од двојно или за 115%.