Русија објави дека ќе бара испораките на руски природен гас да бидат плаќани во рубљи, наместо во евра или во долари како досега, што се заканува да ја влоши енергетската криза во Европа.
Цените на гасот се зголемија за повеќе од 30% откако претседателот Владимир Путин и нареди на централната банка да развие механизам за плаќање на природен гас во рубљи во рок од една недела на состанокот со неговата влада.
„Донесов одлука да се префрлам на плаќања во рубља за нашите испораки на природен гас за таканаречените непријателски држави“, рече Путин.
Русија треба да престане да ги користи „компромитираните валути“ во трансакциите со природен гас како одмазда на американските и европските санкции, рече Путин, според транскриптот објавен на веб-страницата на Кремљ. „Прилично е јасно дека нема смисла да ги снабдуваме нашите стоки во Европската унија, во САД и да примаме плаќања во долари, евра, други валути“, рече тој.
„Сакам да нагласам дека Русија дефинитивно ќе продолжи да испорачува природен гас во согласност со обемот и цените и механизмите за цените наведени во постоечките договори“, рече Путин.
Потегот на Путин ја покажа подготвеноста да се користат руските енергетски резерви како оружје во борбата меѓу Москва и Западот за војната во Украина. Спецификите на новиот аранжман се уште не се целосно јасни, но со барањето за плаќања во рубљи, Путин во суштина ги принудува европските компании, или компаниите од непријателските земји, директно да ја поддржат руската валута откако таа доживеа силен пад по воведувањето на западните санкции воведени врз руската економија.
Германија и Италија немаат намера да го плаќаат рускиот гас во рубљи
Германија, најголемиот купувач на руски гас, соопшти дека најавата за исплати во рубља е прекршување на договорите и нацијата ќе разговара со своите европски партнери како да одговорат, според министерот за економија Роберт Хабек.
Италија, вториот најголем клиент на Гаспром, рускиот државен извозен монопол, исто така објави дека нема намера да плаќа за рускиот гас во рубљи, бидејќи тоа може да му помогне на Путин да ги ослабне ефектите од санкциите врз руската економија.
За комуналните претпријатија кои купуваат гас од Гаспром, барањето за плаќање во рубљи може да доведе до спорови и преговори за нови договори, заканувајќи се да го наруши непреченото снабдување со гас во регионот.
„Ако Гаспром одбие да испорача гас кога купувачите ги плаќаат фактурите во оригиналната договорна валута, обично евра, купувачите може да го изведат случајот на арбитража“, рече Анис Ганболд, аналитичар во Аурора енерџи рисрч.
Европа добива околу 40% од гасот од Русија и веќе се бори со последиците од рекордните цени оваа зима. За увоз на гас од Русија Еу плаќа помеѓу 200 и 800 милиони евра дневно.
„Непријателските“ држави сочинуваа околу 70% од приходот од извозот на Гаспром во 2021 година во износ од околу 69 милијарди долари, рече Дмитри Полевој, економист во московската Локо Инвест.
Русија претходно овој месец објави список од 48 држави кои се сметаат за непријателски. На списокот се САД, Јапонија, сите членки на Европската унија, Македонија, Швајцарија и Норвешка.
Околу 58% од продажбите на Гаспром во третиот квартал од 2021 година бил во евра, а 39% биле во долари.
Извор: Bloomberg