Нова извозна фабрика во Пробиштип: Почна со работа леарницата „Кранфилд Фаундри“

Во индустриската зона Неокази кај Пробиштип почна со работа леарницата „Кранфилд фаундри“, за производство на одлеаноци од сиво и нодуларно железо  и машински елементи и делови кои се употребуваат автомобилската и други различни индустрии по европски еколошки стандарди и со високо автоматизирана технологија.

Оперативниот директор на компанијата Дариус Ѕиуба посочи дека станува збор за инвестиција во вредност од 20 милиони евра, во која во моментот се вработени 60 лица, но дека се планира по завршувањето на втората фаза од планираните инвестициски активности, бројката на вработени да надмине 300 лица.

“Станува збор за најеколошката леарница во регионот и во Југоисточна Европа, која е изградена од локални добавувачи и изведувачи, кои работеа на изградбата на објектот кој се простира на површина од 8.000 м2. Политиката на компанијата е  расположливите услуги да ги добавува од домашниот пазар, секогаш кога е тоа можно, а со тоа веруваме дека ќе придонесеме повеќе кон развојот на македонската економија. Во моментот, од моменталните 60 вработени со полно работно време, 75% се од локалното население од Пробиштип и околината, посочи Ѕиуба.

најголемиот интерес на јавноста и околното население е дали оваа фабрика ќе ја загадува животната средина. Но, менаџментот на фабриката и властите уверуваат дека се преземени сите мерки според европските стандарди за безбедноста по здравјето и животот на вработените.

Од менаџментот уверуваат дека дека во процесот на топење на железото ќе се користи исклучиво електрична енергија, за чија намена е изградена посебна трафостаница во склоп на објектот.
“Направена е инвестиција во износ поголем од 1 милион евра во систем за филтрирање, кој е еден од најмодерните во светот. Инвестицијата се простира на површина од околу осум хектари, а се состои од производствен погон и административна зграда на вкупно 15 илјади метри квадратни. При тоа, планираното производство е 13.000 тони годишно”, посочија од Краунфилд Фаундри.

Менаџментот на фабриката исто така ветува дека во процесот на работа ќе биде строго забрането употреба на суровини кои содржат штетни материи и дека производството ќе ги задоволува сите стандарди за квалитет, безбедност и заштита на животната средина.
Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев посочи дека станува збор за инвестиција којашто не е трудоинтензивна, односно станува збор за капитално интензивна инвестиција којашто вработува високо стручни луѓе со високи примања.

„Станува збор за  високо технолошки автоматизирана линија за калапирање, а потоа и леење на челик, од којшто ќе се произведуваат делови коишто се наменети за градежништвото, пред сѐ, за автомобилската индустрија во иднина, како и за други различни намени. „Кранфилд Фаундри“ е извозно ориентирана компанија, што е добро, затоа што ќе носи дополнително додадена вредност во нашата држава“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој дополни дека иако договорот со „Кранфилд Фаундри“ е потпишан во 2015 година, се до 2018 година беше заглавен во административните лавиринти, кога беше и склучен нов анекс договор во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.