Романскиот производител на автомобили Dacia, во сопственост на француската групација Renault , го прекина производството поради светскиoт недостиг на полупроводници, изјави министерот за труд на Романија, Ралука Туркан, пишува романскиот portal News.ro
„Фабриката на Dacia во Миовени ја запре својата активност поради глобалната криза со полупроводници, ситуација која влијае на 50% -60% од производствената активност и приближно на 8.000 работници“, изјави Туркан по состанокот со претставници на Асоцијација на производители на автомобили во Романија.
Романската влада најави дека ќе преземе чекори за брзо зимена на законските одредби во врска со намалувањето на работното време во случаи како што е Дачија, со цел да и помогне на компанијата да ги задржи работните места.
“Во текот на февруари, групацијата Renault ќе го прилагоди производството во услови на недостиг на електронски компоненти од одредени добавувачи. Така, производната активност во Миовени беше прекината на 1 февруари. Тимовите на синџирот на снабдување и набавките се мобилизирани да управуваат со влијанието на оваа глобална криза, што влијае на голем дел од автомобилскиот сектор “, изјавија од Renault Романија за портал за економски вести „Profit.ro“.
Уште од крајот на минатата година, работењето на производителите на автомобили беше под влијание на недостатокот на полупроводниците, чија побарувачка се зголеми заради зголемената потрошувачка на паметни телефони, таблети и видео игри и конзоли.
Овој прекин на производството на романската Dacia би можел да се одрази и врз производителите на автомобилски делови кои работат во Македонија кои произведуваат и извезуваат делови во Романија.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека македонскиот извоз во Романија во периодот од јануари до ноември 2020 година изнесувал близу 98 милиони евра, од кои околу 45 милиони евра е извоз на автомобилски делови, седишта и кабли за потребите на романската автомобилска индустрија.
Романија е 12-ти по големина извозен пазар за македонската економија, а извозот во единаесетте месеци од 2020 година бележи пад од 33,6‚ во споредба со извозот реализиран во преткризната 2019 година.