Вредноста на македонскиот извоз во првите пет месеци оваа година изнесувала 3,35 милијарди евра, што е за 18,8% повеќе во споредба со истиот период од 2021 година. Увозот во истиот период изнесувал 4,97 милијарди евра и е за 29,6% поголем во споредба со првите пет месеци од 2021 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Надворешно-трговскиот дефицит во првите пет месеци годинава изнесувал 1,6 милијарди евра, и во споредба со истиот период лани е поголем за цели 60% или за 606 милиони евра.

Покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари-мај 2022 година изнесувала 67,5% и е пониска во споредба со покриеноста од 73,6% во истиот период лани.

Според податоците од Државниот завод од статистика во земјите членки на ЕУ во првите пет месеци годинава се извезени стоки во вредност од 2,6 милијарди евра или 16,4% повеќе во споредба со лани. Од вкупниот извоз на државата во овој период 78,3% бил насочен кон земјите членки на ЕУ.
Истовремено вредноста на увезените стоки во истиот период од земјите членки на ЕУ се зголемила за 33,6%, на 2,3 милијарди евра.Статистиката покажува дека 46,7% од вкупниот увоз во земјава е со потекло од ЕУ.

Статистиката бележи раст на извозот од 28,5% во земјите кои не се членки во ЕУ, на 725 милиони евра, додека вредноста на увозот од овие земји бележи раст од 26,3%, на 2,64 милијарди евра.

Ако се гледа само месец мај, вредноста на извозот изнесувала 734 милиони евра и е за 34,2% повисока во споредба со мај 2021 година. Вредноста, пак, на увозот во мај изнесувала 1 милијарда евра и е зголемена за 39,1% во споредба со мај 2021 година, додека покриеноста на увозот со извозот изнесувала 70%.

Извозот на машини и транспортни уреди со пад од 20%

На страната на извозот најголема ставка се продадените хемиски производи и материјали (во кои спаѓаат катализаторите на Џонсон Мети) во вредност од 1,1 милијарда евра, која бележи раст од 42,1% во споредба со истиот период лани.
Следи извозот на машини и транспортни уреди во вредност од 745 милиони евра, која бележи пад од 20,2% во споредба со лани. Во оваа ставка најголем дел отпаѓаат на деловите за автомобили кои странските компании од оваа индустрија ги произведуваат во земјава и ги извезуваат за германската и европската автомобилска индустрија која се соочува со големи проблеми заради недостигот на делови и пореметувањата во синџирите за снабдување.

Извозот на производи класирани според материјалот( со најголемо учество на металите) изнесувал 622 милиони евра и бележи раст од 53,7% во споредба со лани.

Голем раст од 84% има и кај извозот на нафтени деривати, пред се заради повисоката цена на нафтата на светските берзи, чија вредност во првите пет месеци достигна близу 100 милиони евра.

Извозот на храна во првите пет месеци годинава изнесувал 172 милионни евра и е за 13,3% поголем во споредба со лани, додека вредноста на извозот на пијалоци и тутун бележи раст од 26,5%, на 69,4 милиони евра.

Вредноста на увезените деривати поголема за 195% од лани

На страната на увозот, најголема вредност имаат увезените производи класирани според материјалот од 1,6 милијарди евра, која е поголема за 19,2 % во споредба со лани.

Втора најголема ставка се минерални горива и нафтените деривати чија вредност е зголемена за дури 195% во споредба со истиот период лани, достигнувајќи вредност од 937 милиони евра.

Следат увозот на машини и транспортни уреди во вредност од близу 900 милиони евра, која бележи раст од 11,9% во споредба со лани и хемиските производи и материјали со увоз вреден 701 милион евра, поголем за 3,6% во споредба со истиот период лани.