Изминатата 2022 година македонската економија ја заврши со извоз во вредност од 8,3 милијарди евра, кој е поголем за 19,9% во споредба со 2021 година.
Увозот, пак, во изминатата година се зголемил за 25,8% и достигна 12,1 милијарди евра.
Инфлацијата и повисоките цени предизвикаа поголем раст на вредноста на извозот, но уште повеќе и на увозот, како последица на рекордното поскапување на енергенсите, но и на храната од кои Македонија.
Со тоа трговскиот дефицит на крајот на 2022 година достигна рекордни досега 3,8 милијарда евра и е за 40,9% поголем во споредба со 2021 година.
Покриеноста на увозот со извозот во 2022 година изнесува само 68,4%, што е најниска вредност во последните деет години.
Што најмногу се извезувало од Македонија во 2022 година?
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо учество лани имале катализаторите, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот, пак, најмногу биле застапени нафтените деривати и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека вредонста на извозот во 2022 година во речиси сите сектори бележи раст во споредба со 2021 година. Единствено кај извозот на машини и транспортни уреди има пад на извозот од 9,5%.
Анализата на извозот во 2022 година по сектори ја потврдува доминацијата на индустријата за автомобилски делови и компаниите кои работат во зоните.
Најглем извоз е остварен со групата хемиски производи од 2,84 милијарди евра, што е дури 34% од вкупниот извоз на Македонија минатата година, а каде влегуваат катализаторите и другите производи за автомобилската индустрија, кои ги произведува најголемиот извозник Џонсон Мати во зоната Бунарџик во Скопје. Ивозот на хемиски производи лани вредносно бележи раст од 51,4% во споредба со 2021 година.
Втора најизвезувана група производи од земјава минатата 2022 година се машините и транспортните уреди, со вредност на извоз од 1,9 милијарди евра. Извозот на машини и транспортни уреди, кој учествува со 23% во вкупниот извоз на државата, лани има пад од 9,5%, пред се заради проблемите кои војната во Украина и прекините во синџирите на снабдување ги предизвикаа во европската автомобилска индустрија.
Само овие два сектори, во кои доминираат компании со странски капитал кои се поврзани со автомобилската индустрија, кои работат во и надвор од зоните, создале 57% од вкупниот извоз на државата.
Според податоците од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони извозот дсмо на комапниите кои работат во зоните во изминатата 2022 година изнесувал 3,75 милијарди евра и е за 26% повисок во споредба со 2021 година. Тоа е учество во извозот од 45,2% во вкупниот извоз на државата лани.
Увозот, пак на овие компании лани достигна 3,37 милијарда е вра и е повисок за 16% во споредба со 2021 година. Учеството на комапниите од зоните во вкупниот увоз на државата лани изнесувал 27,7%.
Извозот на храна минатата година надмина 450 милиони евра, што е зголемување вредносно од 15,6%. Но, рекордно високите цена на храната и растечката увозна зависност го зголемија увозот на храна на рекордни досега 894 милиони евра, што е зголемување од 20% во споредба со претходната 2021 година.
Извозот на пијалоци и тутун лани бележи раст од 4,7%, достигнувајќи вредност од 204 милиони евра.