Во рамки на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива беа презентирани клучните наоди од „Студијата за ефектите предизвикана од КОВИД-19 врз туристичко угостителскиот сектор, со препораки за справување со економските ефекти“. За постигнување на целта на студијата, направена беше анализа на секторот туризам и угостителство, спроведена анкета со компании и интервјуа со претставници на секторот, користени се статистички податоци и беа спроведени истражувања за меѓународните искуства поврзани со справување со оваа криза како и мерките кои се преземени во земјата, а се однесуваат на секторот. Во студијата, на основа на спроведените истражувања дадени се препораки – краткорочни и долгорочни мерки за справување со КОВИД-19 кризата.
Истражувањето го спроведоа Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на стопански комори на Македонија и консултантската куќа ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал од Скопје имплементатор на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.
Студија покажува дека до август – септември масовно е откажувањето на аранжманите, а има и драстичен пад на бројот туристи кои се очекуваат од странство. На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат, најмалку шест месеци до една година, да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та.
Следува долг и многу тежок процес, а можни се две сценарија.
Според првото сценарио, ако кризата заврши до крајот на оваа година, зависно од ефектот на економските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, а опоравувањето (што подразбира враќање на нивото од 2019 година) би било во 2023 година.
Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 %, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.
Загубите се огромни. И според првото и според второто сценарио од планираните 500 милиони долари промет, сега очекуваме под 250 милиони и тоа ако кризата заврши веднаш, но не е исклучено во второто сценарио, кое не е далеку, падот да биде над 80% или да имаме историски најнизок промет од туризмот, под 100 милиони долари.
Може да се очекува огромен пад. Не може во моментов прецизно да се каже, ова се само релевантни претпоставки, но за очекувањe е тоа ниво драстично да падне дури и под 80%, истакна експертот Кристијан Џамбазовски, коавтор на студијата.
Согласно констатациите во Анализата, неминовно е да се бара продолжување на субвенционирањето на плата од 14.500 денари и за јуни 2020 година, одобрените бескаматни кредити да бидат во висина на прикажаните трошоци во завршната сметка, а нивното враќање да почне на 01.06.2021 во висина од прикажаните трошоци 2019 година, бараат компаниите од секторот туризам и угостителство.
На анкетното прашање дали последиците од КОВИД-19 имаат директно влијание врз ликвидноста на претпријатието, дури 56% или 88 % одговориле дека последиците од кризата имаат големо влијание врз ликвидноста на претпријатието, 6 претпријатија или 9 % одговориле дека влијанието е делумно врз ликвидноста, додека само две претпријатија одговориле дека влијанието врз ликвидноста е слабо.
Падот на приход во првиот квартал од 2020 година во однос на првиот квартал од 2019-та за 32 претпријатија или 50% од испитаниците е меѓу 81 и 100%, за 11 претпријатија или 17% падот е помеѓу 61 и 80%, за 9 претпријатија кои сочинуваат 14% од испитаниците падот е помеѓу 41-60%, за 7 претпријатија или 11 % падот на приходот е помеѓу 21 и 40 %, додека за 5 претпријатија или 8 % падот е помеѓу 1 и 20 %, што претставува поголем пад на промет по основ туризам од падот во 2001 година, пишува во студијата.
Кај речиси 100% од хотелите се откажани резервациите за април, мај и јуни, за јули има откажувања на групни резервации кај 89% од хотелите, за август кај 69% од хотелиерите се откажани резервациите, за месец септември откажувањата се кај 50% од испитаниците, за октомври кај 34% од испитаниците, за ноември кај 17% има откажувања. Откажувања има дури и за декември и јануари 2021 година.
Речиси идентична е ситуацијата и кај туристичките агенции кои се занимаваат со дојдовен туризам, покажува анкетата.
Поради последиците од КОВИД-19 испитаниците очекуваат најголем пад од 68 отсто на туристи од Израел, од Полска 64 отсто, од Германија за 56 отсто, од Кина за 54 отсто, од Хрватска за 54 отсто, од Холандија и Грција за 53 отсто, од Србија, Турција и Бугарија за 48 отсто, од Република Северна Македонија пад од 46 отсто, од Албанија за 41 отсто, додека од останатите држави очекуван е пад од 56 отсто.
За надминување на ситуацијата секторот предлага и да мируваат обврските за осигурување и технички преглед на автобуси за превозниците кои не работат, намалување на цените на комуналните услуги за компаниите во овој сектор за 2020 година, како и ослободување или замрзнување на сите општински давачки и даноци за овој сектор во текот на 2020 година.
За потребите на планирањето на маркетингот на туристичката дестинација, како што се наведува, потребно е Државниот завод за статистика да ја прилагоди статистиката во однос на приказот за број и ноќевања на домашни и странски туристи по земја на припадност, по општини, по месеци – овие податоци, да бидат прикажани и по категорија на сместувачки капацитет каде се остварени ноќевањата.
Во периодот кој следува од клучно значење ќе биде одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа (вклучително Агенција за поддршка и промоција на туризмот и Министерството за економија) во текот на кризата. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од Република Северна Македонија, стои во студијата.
Неопходно е и стимулирање на домашниот туризам преку воведување посебни субвенционирани аранжмани и спроведување силна кампања за поттикнување на внатрешниот туризам.
Врз основа на резултатите од истражувањето се предлага реформа во организацијата на туризмот која ќе содржи корекција на законот за туристичка дејност, интегриран како неразделен дел од нов закон за поттикнување на развојот на туризмот по моделот на повеќе земји членки на Европската Унија. Новото законско решение треба да вклучува и механизам кој автоматски би се активирал во случај на кризни ситуации.
Заклучоците и препораките од студијата ќе бидат доставени до надлежните органи со цел преку јавно-приватниот дијалог да се креираат краткорочни и долгорочни мерки кои ќе ги ублажат последиците во секторот туризам и угостителство врз база на актуелната состојба со која се соочуваат компаниите.
Како дел од оваа активност спроведени се и истражувања за секторите автомобилска и метална индустрија, текстил и кожарска индустрија, земјоделство и прехранбена индустрија, градежништво и ИКТ, како и анализа на работните односи и даночните политики во време на криза.