Македонските производители на храна изминатата 2021 година во странство продале производи во вредност од 389,5 милиони евра, што е раст од 7,2 %. Ова е највисока вредност на извозена храна од земјава во последните 10 години.

Но, ако се гледа количински, извозот на храна лани се зголемил помалку, за само 2,86%. Тоа покажува дека врз порастот на извозот на храна лани влијалеле и зголемувањето на цените.

Според последните податоци од ФАО, организацијата за храна и земјоделие на Обединетите Нации, цените на храната се на највисоко ниво во последните 10 години.

Поскапувањата на храната минатата година имале уште поголем ефект врз зголемувањето на увозот на храната во земјава.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани сме увезле храна во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2% во споредба со претходната 2020 година.  Ова е најголем годишен раст на вредноста на увезената храна во земјава во последните 10 години, со што увозот на храна за прв пат се искачи над 700 милиони евра.

Ако се гледа количински, увозот на храна лани бил помал за 3,6% во споредба со минатата 2020 година, односно биле увезени 772 илјади тони храна, но заради повисоките цени на увезвената храна од земјава се одлеале многу повеќе девизи.

Заради поголемиот раст на увозот од извозот, минатата 2021 година сме ја завршиле со најголем дефицит во трговијата со храна од странство од дури 356 милиони евра. Тоа е нејголем дефицит во трговијата со храна во последните 10 години.


Проценките на експертите се дека цените на храната ќе продолжат да растат и оваа година, а мало намалување може да се очекува во втората половина од 2022 година. Рекордно високиот раст на цените на енергенсите, поскапувањето на речиси сите суровини и репроматеријали кои се користат во производството на храна, рекордно поскапиот транспорт, поскапувањата на работната сила и проблемите во синџирите на снабдувања се факторите кои ќе прават најголем притисок врз зголемување на цените на храната.
Проценките на експертите се дека треба да се навикнеме на повисоките цени на храна, бидејќи факторите кои предизвикуваат поскапување на храната нема да се вратат во нормала во блиска иднина.

Тоа секако ќе прави притисок врз понатамошно зголемување на вредноста на увозот на храна.Една од опциите да се намали одливот на девизи за увоз на храна е зголемување на домашното производство на храна. Но, покрај стотиците милиони евра кои се исплаќаат од државниот буџет за субвенции за земјоделските производители во изминатите десетина години, статистиката покажува дека Македонија станува се позависна од увозот на храна со оглед на малите резултати во зголемувањето на домашното производство и во намалување на увозот на храна.

Статистиката за минатата 2021 година покажува дека најмногу се увезувало месо, чиј увоз изнесувал речиси 148 милиони евра. Втора најголема ставка во увозот на храна се зеленчукот и овошјето, за шро лани се одлеале од земјава мад 112 милиони евра. Увозот на жита и преработки од жита изнесувал 107 милиони евра. Увозот на разни производи за исхрана и преработки изнесувал 98 милиони евра, увозот на кафе, чај, какао и зачини достигнал над 86 милиони евра, увозот на млеко и млечни производи и јајца дури 74 милиони евра, додека за увоз на шеќер, преработки од шеќер и мед лани сме платила 47 милиони евра.