Францускиот претседател Емануел Макрон и водечкиот француски производител на лекови Санофи најавија инвестиции во домашно производство на лекови за да му помогнат на здравствениот систем подобро да се бори против коронавирусот.

Санофи најави дека ќе инвестира 610 милиони евра во две фабрики во Франција, кои има намера да ги претвори во центар за истражување, развој и производство на вакцини.

Во меѓувреме, Макрон за време на посетата на фабриката во Санофи рече дека државата ќе инвестира 200 милиони евра во домашно истражување и производство на лекови.

Макрон најави дека француската влада наскоро ќе ги објави плановите што треба да ги охрабрат компаниите да вратат дел од производството во Франција, додаде претседателот.

„Во криза, сите сфатија дека некои лекови што се во широка употреба повеќе не се произведуваат во Франција и Европа. Значи, ние веќе не смееме само да поставуваме прашања, туку мора да извлечеме соодветни заклучоци“, рече Макрон.

Парацетамолот веќе неколку години не се произведува во Европа

 

Меѓу лековите што треба повторно да се произведуваат во Франција, Макрон го посочи парацетамолот, кој веќе неколку години не се произведува во Европа.
Последната фабрика на оваа активна состојка аналгетик беше затворена во 2008 година.

Многу влади се загрижија за преголемата зависност од увоз на парацетамол, посебно откако Индија, еден од водечките светски производители, привремено го забрани неговиот извоз на почетокот на пандемијата.

Францускиот претседател исто така изрази надеж дека во наредните денови ќе постигне договор со Санофи за претходно нарачување потенцијална вакцина за „Ковид 19“, без да дава повеќе детали.

Санофи развива една вакцина за „Ковид 19“ во соработка со британскиот „ГлаксоСмитКлајн“ и друга со американскиот Транслејт Биом.
Клиничките испитувања на двете вакцини треба да започнат подоцна оваа година или почетокот на следната година.

 

Франција не е единствена држава која одлучи да го поддржи поголемото производство на домашни лекови. Германија и САД исто така најавија силна поддршка на домапните фармацевстки индустрии. САД неодамна склучи неколку годишен договор со неколку домашни фармацевтски компании кои се обврзаа дека ќе произведуваат одредени лекови и активни фармацевтски ссостојки, за кои досега земјата беше зависна од увоз.