Индексот на цените на храната на ФАО падна за 8,6% во јули на месечно ниво, предводен од значителното намалување на цените на растителното масло и житариците.
Индексот на цените на храната на ФАО се намали за 8,6% месечно на 140,9 во јули, предводен од значителното намалување на цените на житарките и растителните масла.

Сепак, цените на храната се повисоки за 13,1% од пред една година.

Глобалните цени на храната паѓаат веќе четврти месец по ред , при што минатомесечниот пад го означи најсилниот пад од октомври 2008 година, објави во петокот Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Индексот ги мери месечните промени во меѓународните цени на пет главни групи на прехранбени стоки – житарки, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер.

Максимо Тореро, главен економист на ФАО, го поздрави падот на цените на храната, но предупреди на постојаните ризици.

„Остануваат многу несигурности, вклучително и високите цени на ѓубривата кои можат да влијаат на идните производствени изгледи и егзистенцијата на земјоделците, мрачните глобални економски изгледи и движењата на валутите, кои претставуваат сериозни оптоварувања за глобалната безбедност на храната“, рече тој.

Индексот на цените на житарките се намали за 11,5% од јуни, предводен од цените на пченицата кои се намалија благодарение на договорот склучен меѓу Турција, ОН, Русија и Украина за продолжување на извозот на жито од Црното Море на Украина.

Индексот на цените на растително масло падна за 19,2% во јули во однос на пред еден месец, што претставува најниско ниво во последните 10 месеци.

Индексот на цените на шеќерот на ФАО падна за 3,8% во однос на јуни, поради загриженоста за изгледите на побарувачката поради очекувањата за дополнително глобално економско забавување, слабеењето на бразилскиот реал и пониските цени на етанолот.

Индексот на цените на млечните производи на ФАО се намали за 2,5% на месечно ниво, како одраз на слабата трговска активност во Европа поради летните одмори.

Индексот на цените на месото се намали за 0,5% од јуни, што е прв месечен пад по шест месеци, поради слабеењето на увозната побарувачка за говедско, овчо и свинско месо.