Шпанската влада ќе ги оданочи електроенергетската индустрија и банките со привремен данок на дополнителна добивка. Со овој потег Шпанија очекува да собере седум милијарди евра меѓу 2023 и 2024 година кои ќе се употребат за да им се помогне на граѓаните да се справат со зголемената инфлација.

По оваа одлука, акциите на неколку шпански банки забележаа пад.

Премиерот Педро Санчез во парламентот, во својот говор за состојбата на нацијата, рече дека годишниот приход во 2023 и 2024 година од данокот на дополнителна добивка на електроенергетските компании остварен оваа и следната година треба да достигне два милијарди евра, додека приходите од тој данок за финансиските институции треба да изнесуваат 1,5 милијарди евра годишно.

Санчез нагласи дека владата ќе го воведе данокот „за големите банки бидејќи тие веќе почнаа да профитираат од (очекуваното) зголемување на каматните стапки“, пренесува Ројтерс.

Аналитичарите, сепак, велат дека банките се под зголемен притисок поради стравувањата од рецесија и можноста зголемувањето на каматните стапки да не биде толку големо како што се очекуваше.

Санчез, исто така, рече дека инфлацијата, во голема мера предизвикана од руската инвазија на Украина, е најголемата болест на економијата што ги осиромашува сите, особено најранливите групи.

Тој најави доделување на 100 евра месечно во вид на дополнителни стипендии за студенти над 16 години кои веќе добиваат стипендија, како и бесплатни билети за повеќекратни железнички патувања на приградски и меѓуградски линии од септември до крајот на декември.

Тој даде зелено светло и за мастер план за развој на недвижности кој предвидува изградба на 12.000 станбени единици во Мадрид.

Претходно, Унгарија и Полска воведоа вакви даноци за големите профитабилни компании со цел полесно да ги надминат големите трошења во буџетите поредизвикани од рекордно високата инфлација и кризата која ја создаде пандемијата на Ковид 19.