Земјите од Западен Балкан се втор најголем трговски партнер за македонските компании, после Европската унија. Во првата половина од 2020 година во петте земји од Западен Балкан (Србија, Косово, Албанија, БиХ и Црна Гора) македонските компании извезле производи во вредност 287 милиони евра или 11,7% од вкупниот извоз од земјава во овој период.
Од вкупниот, пак, увоз во првата половина годинава, околу 10,3% потекнува од земјите од Западен Балкан, чија вредност достигна 343 милиони евра. Увозот од Западен Балкан во првата половина годинава се намалил за 5,2%.
Колку за споредба во земјите од ЕУ во првите шест месеци биле извезени производи во вредност од 1,87 милијарди ервра или 76,2% од вкупниот извоз. ЕУ е доминантен трговски партнер и кога станува збор за увозот, од каде доаѓа 48% од вкупниот увоз на земјата.
Србија
Најголем трговски партнер за македонските компании од земјите од Западен Балкан е Србија. Трговската размена помеѓу Македонија и Србија во првата половина годинава изнеуваша 364 милиони евра. При тоа, извозот на македонски производи во Србија во првата половина изнесувал 98,3 милиони евра и бележи пад од 14,9%.
Производите од железо и челик биле најизвезувани во овој период, од што е остварен извозен приход од 19 милиони евра. Најголем дел или 12 милиони евра отпаѓаат на извоз на плоснати валани производи.
Втор најголем извоз е остварен со продажба на лекови, кои главно ги извезува компанијата Алкалоид. Извозот на лекови на српскиот пазар во првата половина годинава изнесувал 13 милиони евра. Трета најголема извозна ставка се производите од железо и челик, поточно челичните цевки и профили, со извоз вреден 10,1 милион евра.
Околу 7 милиони евра изнесувал извозот на зеленчук, при што најизвезувани на српскиот пазар биле доматите. Околу 4,2 милиони евра изнесувал извозот на вино, околу 3 милиони евра изнесува извозот на преработки од зеленчук и овошје, а околу 2,95 милиони евра е вредноста на извезени кондиторски производи во овој период.
На страната на увозот од Србија, доминира увозот на електрична енергија во вредност од 43 милиони евра. Околу 24 милиони евра изнесувал увозот на изолирани жици, увозот на пченица и жита изнесувал 13 милиони евра.Од Србија во првата половина годинава биле увезени и млеко и млечни производи во вредност од 8,8 милиони евра.
Косово
Косово е трет најголем извозен пазар за македонските компании, но најголем извозен пазар во регионот на Западен Балкан, каде во првата половина годинава биле извезени производи во вредност од 107,5 милиони евра. Извозот на косовскиот пазар бил помал за 22,9% во споредба со истиот период лани.
Околу 12,8 милиони евра изнесувал извозот на горива, додека втора најголема извозна ставка биле пластичните амбалажи од што е остварен извозен приход од 11,7 милиони евра. Извозот на железо и челик изнесувал 11,6 милиони евра, при што најголем дел отпаѓа на плоснати валани производи. Околу 6,8 милиони евра изнесувал извозот на цемент, а 5,8 милиони евра се заработени од извоз на безалкохолни пијалоци. Извозот на лекови во Косово во првата половина година изнесувал 5,2 милиони евра, додека извозот на кондиторски производи околу 5 милиони евра.
Увозот од Косово во првите шест месеци изнесувал 13,5 милиони евра и е поголем за 2,8% во споредба со истиот период лани. На страната на увозот од Косово доминираат челични цевки и профили, со извоз вреден 3,8 милиони евра. Увозот на безалкохолни пијалоци изнесувал 2,3 милиони евра.
Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина во првата половина годинава биле извезени производи во вредност од 34,6 милиони евра, што е пад од 9,71% во споредба со истиот период лани.
Најголем извоз во вредност од 6,7 милиони евра е направен со продажба на лекови. Околу 4,5 милиони евра изнесувал извозот на производи од железо и челик, каде доминираат челичните цевки и профили.
Извозот на преработките на месо изнесува 2,95 милиони евра. Понатаму на босанскиот пазар во првата половина годинава биле извезени и пластични црева во вредност ос 1,9 милиони евра, извозот на електрични машини изнесувал 1,8 милиони евра, извозот на кондиторски производи изнесувал 1,7 милиони евра, вредноста на извозот на железо о челик од 1,44 милиони евра, околу 1,43 милиони евра изнезувал извозот на преработки на зеленчук и овошје.
Вкупниот увоз од БиХ во првата половина годинава изнесувал 30,3 милиони евра и во увозот доминирале месни преработи (4,6 милиони евра), млечни производи (4,58 милиони евра), преработено дрво (3,1 милион евра), железо и челик, односно топловалани жици (2,3 милиони евра) и хартија и картон во вредност од 1,7 милион евра.
Албанија
Во првата половина годинава во Албанија се извезени македонски производи во вредност од 34,3 милиони евра, што е пад од 6,7% во споредба со истиот период лани. Албанија бил 19-ти по големина извозен пазар во првата половина годинава.
На страната на извозот, најголем извоз од 9,6 милиони евра се прави со извоз на железо и челик, поточно со отпадоци. Втора најголема извозна ставка со извоз вреден 4,6 милиони евра се пластичните црева. Околу 2,4 милиони евра изнесувал извозот на гипс и цемент, додека петти најизвезуван производ, со извоз вреден 2 милиони евра биле лековите. Понатаму, во Албанија во првата половина годинава биле извезени и безалкохолни пијалоци во вредност од 1,4 милиони евра, топловалани производи во вредност од 1,1 милион евра, како и хартиена и картонска амбалажа во вредност од 1,1 милион евра.
Увозот од Албанија во првите шест месеци изнесувал 30,6 милиони евра и доминираат прачки од железо и челик (13 милиони евра), руди на никел и концентрати (3,8 милиони евра). Од Албанија првата половина годинава сме извезле зеленчук вреден 3,8 милиони евра, меѓу кои најмногу домати (2 милиони евра) и краставици (1 милион евра). Увозот, пак, на овошје изнесувал 615 илјади евра,при што повеќе од половина отпаѓа на дињи.
Црна Гора
Со Црна Гора имаме најмала трговска размена од само 15 милиони евра. Извозот во Црна Гора во првата половина годинава изнесувал 12,7 милиони евра и бележи пад од 8,8 %.
Најголем извоз од 1,86 милиони евра е направен со извоз на месни преработки. Извозот на лекови изнесувал 1,74 милиони евра, извозот на челични цевки и профили изнесувал 1,2 милиони евра, додека околу 970 илјади евра се продажбите на преработки од зеленлук и овошје.
Од Црна Гора во првата половина годинава биле увезени производи вредни 2,3 милиони евра, од кои над 813 илјади евра е увозот на дрво. Околу 600 илјади евра е увозот на електрични трансформатори, околу 320 илајди евра е увоз на месни преработки.