Македонските компании во првите осум месеци годинава оствариле извоз во вредност од 3,5 милијарди евра, што е пад за 17% во споредба со истиот период минатата година .
Дури една третина од вкупниот извоз од земјава во овој период отпаѓа на машини и транспортни уреди, чиј извоз достигна над 1 милијарда и 70 милиони евра.
Извозот на машини и транспортни уреди беше силно погоден од пандемијата на корона вирусот и бележи пад од 21,9% или за околу 302 милиони евра помал годинава, во споредба со лани.
Машините и транспортните уреди кои главно се произведуваат во слободните економски зони се тесно интегрирани со европската, посебно со германската автомобилска индустрија, која бележи големо забавување и пад на продажбите, што се одрази и врз намелните нарачки за компаниите производители на авто делови кои работат во Македонија.
Ако се анализира подетално оваа ставка, најголем извоз од околу 489 милиони евра е направен со електрични машини, апарати и нивни делови, кои речиси во целост се намалени за автомобилската индустрија. Годинава извозот на електрични машини од зоните е помал за 140 милиони евра, во споредба со истиот период лани.
Втора најгоелма извозна ставка во групата на машини и транспортни уреди се индустриските машини и опрема, чиј извоз во првите осум месеци изнесуваше 395 милиони евра и е за 104 милиони евра помал во споредба со извоз во претходната 2019 година.
Трета најголема ставка во ова група на производи се автобусите, чиј извоз во периодот од јануари до август изнесува околу 138 милиони евра и бил за околу 60 милиони евра помал во споредба со истиот период лани.
Кои се најголеми извозни пазари за машините и транспортни уреди произведени во македонија?
Ако се анализираат пазарите на кои најмногу се изезувале машините и транспортните уреди, статистиката покажува дека Германија е главната дестинација.
Извозот на машини и транспортни на германскиот пазар направен во осумте месеци годинава изнесува 660 милиони евра, што е 61% или две третини од вкупниот извоз направен во овие производи годинава.
Втор извозен пазар е Унгарија, каде во првите осум месеци биле извезени машини и транспортни уреди за 68,7 милиони евра. Следат Белгија, каде во овој периодбиле извезени машини и транспортни уреди во вредност од 62 милиони евра, Шпанија со извоз од 49 милиони евра, Словачка со извоз вреден 24 милиони евра, Франција со извоз вреден 22,6 милиони евра, Романија и Австрија со извоз од околу 18.5 милиони евра и Словенија со извоз од 17 милиони евра.