Официјални лица од 130 земји го поддржаа планот за воведување глобален данок на компаниите од најмалку 15%, мерка наменета да спречи мултинационални фирми да го префрлаат својот профит во земји со ниски даночни стапки со цел да избегнат плаќање данок.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која ги водеше разговорите за договорот соопшти дека планот може да генерира околу 150 милијарди долари даночни приходи годишно.

Договорот, кој исто така ќе ги оданочува профитите на големите компании во земјите каде што работат преку интернет, но немаат физичко присуство, не се очекува да стапи на сила до 2023 година.

„По долгогодишна интензивна работа и преговори, овој историски пакет ќе обезбеди големите мултинационални компании да плаќаат фер удел на данок насекаде“, рече генералниот секретар на ОЕЦД Матијас Корман.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен го нарече „историски ден за економска дипломатија“.

„Денешниот договор на 130 земји што претставува повеќе од 90% од глобалниот БДП е јасен знак: Трката кон дното е на чекор до крајот“, истакна Јелен.

Сите земји од Г20 – вклучувајќи ги Соединетите држави, Британија, Кина и Франција – го поддржаа договорот, како и познатите даночни раеви како Бермуди и Кајманските острови. Но, две земји со ниски даноци – Ирска и Унгарија – не.
Ирското министерство за финансии соопшти дека не може да се согласи на минимумот од 15 проценти. Ирска во моментов има стапка од 12,5 проценти.
Владите што го поддржаа планот сега се очекува да донесат закони дома за да воведат минимален данок. Деталниот план за имплементација се очекува да биде објавен на самитот на Г20 во октомври.