Продажбата на европските автомобили едвај порасна минатата 2024 година бидејќи постојаната инфлација, повисоките трошоци за задолжување и апатијата кон електричните модели ги наведоа потрошувачите да се воздржат од купување нови возила.
Регистрациите на нови автомобили во ЕУ се зголемија за 0,9% во2024 година, на 13 милиони единици во однос на претходната година по скокот во декември, објави Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Продажбата на целосно електрични возила падна за 1,3% откако земјите од ЕУ, вклучително и Германија, ги укинаа субвенциите за нивно купување, намалувајќи го нивниот удел на вкупниот пазар на 15%.
Европските производители на автомобили се подготвуваат за тешка 2025 година, со построги цели на Европската унија за емисиите кои ги принудуваат да продаваат повеќе електрични возила и покрај падот на побарувачката.
Бидејќи страдаат од падот на продажбата во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, тие сега се соочуваат и со закана од дополнителни царини за увоз во САД, под претседателот Доналд Трамп.
Притисокот на цените, загубите на пазарниот удел во Кина, построгите регулативи за емисиите, царинските ризици и континуираната слаба побарувачка создаваат „совршена бура“ за европските производители оваа година.
2025 ќе биде тешка за германската автомобилска индустрија
Германската автомобилска индустрија која се бори со еден куп проблеми има уште една тешка година пред себе. Поради построгите ограничувања за CO2 во ЕУ, таа мора значително да ја зголеми својата слаба продажба на електрични автомобили; новиот американски претседател Доналд Трамп се закани со царини за увоз од Европа. Во исто време, од гледна точка на индустријата, недостасува политичката рамка за надминување на овие предизвици.
„2025 година мора да биде година на нов почеток за да стане година на пресврт“, смета претседателката на Здружението на автомобилската индустрија, Хилдегард Милер.
„Не мали чекори, неопходен е голем чекор“, побара таа во поглед на новата федерална влада. Потребна е помала бирократија, пониски цени на енергијата и помало даночно оптоварување.
Со цел повторно да се зголеми продажбата на електрични автомобили, конечно е потребно неопходното засилување на инфраструктурата за полнење, рече Милер. На почетокот на годината повторно беа заострени законските барања за ограничувањата на возниот парк за CO2.
За да може индустријата да го постигне тоа и да не мора да плаќа високи казни, само продажбата на возила на батерии (БЕВ) ќе треба да се зголеми за 75% оваа година во однос на претходната година, рече главниот економист на Здружението на автомобилската индустрија (VDA), Мануел Калвајт.
Тоа би одговарало на околу 666.000 единици и удел од речиси една четвртина од сите очекувани нови регистрации за 2025 година.
Поради повлекувањето на субвенциите за електрични возила од страна на федералната влада на крајот на 2023 година, бројот на нови регистрации на електрични возила со батерии падна за околу една четвртина минатата година. Само околу 380.600 нови електрични автомобили беа ставени на патиштата.
Доколку се вклучат и други електрични погони како што се таканаречените plug-in хибриди, растот во споредба со претходната година би требало да биде околу 53%.
Севкупно, VDA очекува околу 2,8 милиони нови автомобили во Германија во 2025 година. Тоа би било приближно исто како и минатата година и сепак околу една четвртина помалку отколку во годината пред кризата 2019 година.
Како резултат на трансформацијата на индустријата кон електромобилност, здружението очекува продолжување на кратењето на работните места. До 2035 година, процесот може да ја чини индустријата вкупно околу 190.000 работни места, рече Калвајт. 46.000 од овие работни места веќе се изгубени.
„Условите за локација и севкупната економска ситуација во која се наоѓаме би можеле да доведат до значително зголемување на оваа бројка.