Од денеска, 4 октомври, па сè до 8 октомври, во Келн, Германија, се одржува Anuga 2025 – најголемиот и најзначаен меѓународен саем за храна и пијалаци. Под годинешната тема „Одржлив раст“, на саемот ќе се претстават над 8.000 излагачи од 110 земји, кои ќе ја демонстрираат иновативната сила и разновидност на глобалната прехранбена индустрија преку десет тематски саеми.
На овој престижен саем ќе учествуваат 21 македонска компанија од секторот храна и пијалаци, меѓу кои: Макпрогрес, Витаминка, Виталиа, Соко Горица, Вори Јорданка, Лион, Макс, Кланица со ладилник, Аграг Ко, Алтера Фуд, Бест Фуд ТИ, Ексклузив, Хортена ДПТ, Иноспектар, Монтенегро, Нехо Исни, Техноалат Комерц, Вивакс, Жито Пром, како и Македонската асоцијација на преработувачи.

Дел од компаниите ќе ги претстават своите производи на заеднички национален штанд, организиран преку Македонската асоцијација на преработувачи, додека други настапуваат самостојно на индивидуални штандови – како потврда за нивната долгогодишна посветеност кон извозот и освојувањето нови пазари.

Anuga се одржува секоја втора година и привлекува околу 140.000 посетители од 200 земји, вклучувајќи купувачи, дистрибутери, инвеститори и медиуми.
Настапот на овој саем им овозможува на компаниите да ги презентираат своите производи, да воспостават нови деловни контакти, да ги промовираат постојните партнери и да ги пласираат производите на нови меѓународни пазари.

Присуството на македонските компании на Anuga 2025 е значаен чекор во интернационализацијата на домашната прехранбена индустрија и потврда за нејзиниот потенцијал на глобалната сцена.