Економијата на еврозоната се намали помалку од очекуваното во последното тримесечие од 2020 година, но се наоѓа на работ на нова рецесија заради растечкиот број на заразени и бавната вакцинација за коронавирусот, заради што се очекува продолжување на рестрикциите и можен економски пад и во првиот квартал од 2021 година.
Прелиминарните оценки на европската статистичка служба Евростат покажуваат дека Бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната се намалил за 0,7% во периодот октомври – декември 2020 година во споредба со претходниот тримесечен период кога заради разлабавените мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот БДП на еврозоната забележа раст од 12,4%.
Економијата на ЕУ бележи пад од 0,5% во последните три месеца од 2020 година во однос на третото тримесечие, кога имаше раст од 11,5%.
На годишна основа во последното тримесечие од 2020 година економијата на еврозоната бележи пад од 6,8%, додека економијата на ЕУ има пад од 6,4%, покажуваат податоците на Евростат.
Австрија е земја со најголем пад на БДП од -4,3% во однос на претходното тримесечие, а по неа следат Италијасо пад од -2% и Франција со пад од -1,3%.
Во Литванија и Латвија е остварен најголем раст од БДП од 1,2% и 1,1%.
Лидер по годишен пад на БДП за последното тримесечие од 2020 година е Шпанија со пад од 9,1%, а по неа следат Австрија со пад од -7,8% и Италија со пад од 6,6%.
Најмал е годишниот пад на БДП во Литванија, – 1,3%, Латвија – 1,7%, и Шведска – 2,6%.
Икономијата на еврозоната и ЕУ успеаа да ги избегнат рекордните падови од второто тримесечие заради ограничувањата за ширење на вирусот. Но, перспективите и проценките се уште се мрачни заради хаотичната и бавна вакцинација, што значи дека ограничувањата ќе останат на сила и во следните месеци.
Во Германија министерот за здравство Јенс Шпан предупреди дека претстојат тешки недели.
Во Италија напорите за поддршка на економијата се поткопани од политичката неизвесност по оставката на премиерот Џузепе Конте заради
несогласување со начинот на распределба на европските пари за заздравување од коронакризата.
Бизнис довербата во еврозоната исто така се намалува. Довербата во трговијата на мало и секторот на услуги кои се најзасегнати од блокадите заради вируса, се намалува на почетокот на годината.
ММФ неодамна предупреди дека Европската унија ќе се опоравува побавно од кризата воспоредба со другите економии и региони во светот.