Здравствената и економската криза која ја предизвика пандемијата со корона вирус ги менува основите на глобалната трговија.
Во најновиот Извештај на Economist Intelligence Unit (EIU), се посочува дека пандемијата може да го смени текот на глобализацијата, откако многу компании се обидуваат да ја намалат зависноста од кинеското производство размислуваат да се пренасочат кон регионализација и скратување на ланците за снабдување.
Кинеското учество во меѓународната трговија се зголемува постојано од приемот на Кина во Светската трговска организација (СТО) во 2001 година и многу корпорации и држави денеска се прилично зависни од кинеското производство.
„Како резултат на Covid-19 е веројатно текот на глобализација не само да сопре, туку и да се промени“, посочуват авторите на Анализата, одбележувајќи дека трговска војна меѓу САД и Кина веќе ги натераа некои корпорации да ги преместат синџирите на снабдување во други делови на Азија.
Градејќи понезависни регионални синџири на снабдување во Америка и Европа, глобалните компании ќе обезбедат алтернативи при евентуални нови шокови во снабдувачката мрежа.
Марк Мобиус, основач на Mobius Capital Partners вели дека многу компании веќе барат локации за да ги преместат ланците на снабдување поблиску до дома, по шокот кој го предизвика пандемијата.
Според него, ќе има многу промени, кога ланците на снабдување ќе се преместат на места како Виетнам, Бангладеш, Турција, Бразил и други држави.
Многу држави ќе се обидуваат во следниот период да ја намалат зависиноста од Кина, но секако дека Кина нема да може да биде игнорирана, бидејќи други алтернативни пазари немаат капацитет за да поткрепат големи преместувања на производствата.
Пандемијата не е единствениот проблем, кој ги тера компаниите да ги реосмислуваат синџирите на снабдување, се посочува во Извештајот на EIU.
Според аналитичарите на EIU, трговската војна веројатно ќе продолжи и по изборите во САД кои се закажани за ноември 2020 година. Независно од резултатот, спорното прашање за технолошки развој ќе продолжи да води до напрегнување на односите меѓу двете најголеми светски економиии.
Уште пред појавата на вирусот, многу економисти прогнозираа „прекројување “ на глобалната економија како последица на трговските конфликти и геополитичките конфликти.