Италијанско-американскиот производител на автомобили Fiat Chrysler ќе инвестира 200 милиони долари во постојната фабрика во Полска, за да ја опреми за производство на хибридни и електрични модели, објави полскиот вицепремиер Јарослав Говин.
„Современите, хибридни и електрични автомобили од марките Jeep, Fiat и Alfa Romeo ќе започнат да излегуваат од фабриката во Тичи во 2022 година“, објавува Ројтерс.
Fiat Chrysler, кој планира спојување вредно 38 милијарди долари со францускиот ривал PSA и создавање на четвртиот најголем производител на автомобили во светот, потврди дека подготовките за проширување и модернизација на фабриката започнале веќе во втората половина на оваа година.
Фабриката во Тичи е една од најголемите во компанијата и моментално вработува околу 2.500 луѓе.
Италијанско-американскиот гигант планира да започне со масовно производство на првиот од трите нови модели на патнички автомобили во втората половина на 2022 година.
Во планот за периодот од 2018 до 2022 година, FCA се обврза да инвестира девет милијарди од вкупно 45 милијарди евра во електрификација.
Плановите за фабрика во Полска ќе бидат голем поттик за најголемата економија во развој во Европа, влевајќи надеж во автомобилскиот сектор дека со преминот кој електрични возила ќе ги достигне регионалните конкуренти, вклучувајќи ги Чешката Република и Словачка, пишува Ројтерс.