“Во вториот квартал од 2021, БДП се зголеми за 13.1% на годишна основа, како резултат на отпочнувањето на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови. Високиот раст е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го изврши првиот и најсилен удар на економијата”, велат од Институтот за економски истражувања и политики Finance Think
Според податоците од нивниот најнов Макроекономски монитор, гледано по дејности, ударот пред една година бил најсилен во трговијата, сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и растот во вториот квартал годинава во овие дејности е највисок и изнесува 46%.
Растот кај останатите дејности е значајно помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11.4%.
“Овој раст може да се поврзе со растот на бруто инвестициите, извозот и увозот, 38.4%, 45% и 46.7%, соодветно, кој во голема мера е воден од интензивираните активности на извозните капацитети во ТИРЗ-овите, кои искусија огромни падови пред една година, но сега го реализираат потенцијалот за брз излез од кризата”, објаснуваат од Finance Think.
Олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот во вториот квартал од 2021, заедно со продолжените ефекти од владините мерки за поддршка на доходот на граѓаните, го објаснуваат растот на приватната потрошувачка од 12.9%. Додека, растот на јавната потрошувачка, 2.9%, е генерално на патеката на консолидација по големата експанзија во 2020.
“Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.9% од претходните 16% во првиот квартал 2021 годинна. Падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на труд. Вработеноста забележа благо зголемување, од 47.1% на 47.3%, што упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на труд. Сепак, во вториот квартал, евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4.000 во однос на првиот квартал од 2021 година), во транспортот (околу 3,500) и хотели и ресторани (1,000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места”, посочуваат од Finance Think.
Од Finance Think посочуваат дека неизвесноста во економијата повторно е зголемена во третиот квартал од 2021 со четвртиот бран од пандемијата и растечкиот број на новозаразени од делта сојот на корона вирусот.
Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 година ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности се сé уште нагласени. Согласно со тоа, Finance Think ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4.1%.