Германската економија веројатно ќе се намали за 6,6% оваа година како резултат на пандемијата на коронавирус пред да забележи раст од 10,2% во 2021 година, објави Институтот Ifo во својот најнов ажуриран Извештај објавен денеска.

Во просек, компаниите очекуваат работењето да се врати во нормала за девет месеци по прекинот на работењето во вториот квартал, се вели во Извештајот.
Во тој случај, економијата би се намалила за 12,4% во вториот квартал годинава.

Најновите истражувања покажуваат дека најголемата економија во Европа полека се опоравува откако економскиот живот беше замрзнат на крајот на март во борбата против пандемијата на коронавирус. Но, најновите податоци го илустрираат невидениот досега негативен ефект на пандемијата врз економијата, пренесува Ројтерс.

Во најлош случај, во кој враќањето во нормала би траело 16 месеци, економијата годинава ќе се намали за 9,3% и ќе порасне за 9,5% во 2021 година, предвидува Ifo.

Во најдобар случај, компаниите ќе закрепнат за пет месеци, така што економијата годинава ќе се намали за само 3,9% и ќе се зголеми за 7,4% следната година.

Некои компании и сектори очекуваат подолго и поболно закрепнување.
Во воздухопловната индустрија, нормализацијата ќе трае 16 месеци. На секторите за патувања, угостителство и производство на автомобили ќе им треба повеќе време за да се опорават.