Германските производители на автомобили и нивните добавувачи ја оценуваат деловната состојба малку подобра од претходните месеци, но остануваат одредени сомнежи. Така барем забележува германскиот економски институт Ifo со седиште во Минхен.
Нивниот главен показател за расположението на оваа индустрија се подобри на -0,2 во октомври, откако во септември изнесуваше -20,4, во август -35,9, а најнизок беше во април годинава -87.
„Побарувачката за автомобили расте силно, што во голема мера го подобри расположението кај раководните лица во индустријата“, вели Клаус Волхрабе, раководител на истражувањето во Ifo.
Искористеноста на производствениот капацитет се зголеми на 86% во октомври, а регистрациите на автомобили направени од германски компании се зголемија за 5 % во септември.
Од Институтот Ifo велат дека продажбата на електрични автомобили со батерии и хибриди расте силно, но германските производители сè уште не ги нудат во големи количини.
Според Ifo, автомобилските компании сè уште планираат да го зголемат производството, но се повнимателни отколку во септември, и покрај генерално добрата состојба, производителите сепак планираат да го намалат бројот на вработени.
Нешто помалку динамика се очекува на извозните пазари, иако повеќе од 70% од автомобилите произведени во Германија се извезуваат.
„Додека големите европски пазари за извоз, како што се Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија и САД се уште се под силен притисок од пандемијата на корона вирусот , побарувачката за германски автомобили во Кина значително се зголемува“, велат од ifo.
Во 2019 година, Кина беше трет по големина извозен пазар за германскиte автомобили, пред Велика Британија и САД.
Вкупниот извоз на германски автомобили падна за 34 % оваа година, а ако не беше поголемата побарувачка од страна на Кина во последните неколку месеци, резултатот ќе беше многу полош.