Извозот на германски автомобили во Соединетите Американски Држави (САД) се намали за речиси 14% во првите три квартали од 2025 година, што ја прави најтешко погодената гранка на германската индустрија во трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп, објавува Reuters, повикувајќи се на најнива студија.
Според договорот меѓу Вашингтон и Брисел, САД поставија основна царина од 15% за автомобили од Европа од 1 август – значително помалку од почетната стапка на Трамп од 25%, покрај постојната царина од 2,5%.
Германските инженерски компании, исто така, се соочија со тешкотии под царинскиот режим, при што студијата покажува дека извозот во тој сектор во САД се намалил за 9,5% во првите девет месеци од 2025 година.
Извозот на машини е предмет на царина од 50% на САД за производи од челик и алуминиум.
Хемиската индустрија, исто така, забележа пад на извозот на најголемиот извозен пазар во земјата за 9,5%, иако во извештајот се вели дека ова не може да се припише само на царините.
„Веројатно е дека и други фактори одиграле улога во случајот со хемиските производи, како што е помалото производство во Германија поради повисоките цени на енергијата“, се вели во извештајот.
Во сите сектори, германскиот извоз во САД се намали за 7,8% на годишно ниво во текот на трите квартали – по просечниот раст од речиси 5% во споредливите периоди од 2016 до 2024 година.
„Бидејќи во моментов мора да се претпостави дека увозните царини на САД нема да се вратат на нивоата пред администрацијата на Трамп во догледна иднина, значително закрепнување на германскиот извоз во САД е малку веројатно“, рече авторката на студијата, Самина Султан, осврнувајќи се на „нова нормалност“ за германските извозници.

























