Данскиот бродски гигант „Маерск“ денеска објави дека отпушта околу 2.000 вработени како дел од планот за преструктуирање вреден 100 милијарди долари, иако работел подобро од очекуваното за време на пандемијата на коронавирус.
Планот за преструктуирање првично беше објавен во септември, при што AP Moller-Maersk, најголемата шпедитерска и транспортна компанија во светот објасни дека ги рефокусира своите транспортни и логистички активности како последица од ефектите од пандемијата на коронавирус.
Данската Maersk, која превезува околу 15% од морскиот товар на светот и има 84 илјади вработени низ целиот свет, информира дека има „континуирано закрепнување на побарувачката“ за контејнерски превоз во третиот квартал.
Обемот во главната единица на Маерск – што ја вклучува и испораката на контејнери – бележи пад за околу 3% во третиот квартал, по падот од 16% во вториот квартал.
„Обемите се зголемија побрзо од очекуваното, нашите трошоци останаа под контрола, цените на товарот се зголемија поради силната побарувачка и рапидно ја зголемуваме заработката во секторот Логистика и услуги“, рече извршниот директор на компанијата, Сорен Скуу.
Сепак, тој предупреди дека изгледите за 2021 година сè уште се неизвесни заради пандемијата. „Позитивното влијание од стимулативните пакети може да биде помалку силно во 2021 година, потенцијалните нови карантини ќе влијаат на побарувачката, како и времето и ефективноста на потенцијалната вакцина ќе влијаат врз обемот на работа за следната година”, вели Скуу.