Заради зголемената потреба за транспорт, логистичката компанија Maersk ја лансираше првата железничка транспортна линија од кинескиот град Ксиан до Измит во Турција, која е дел од интерконтиненталната железничка мрежа на Maersk.
Покрај пократкото време на транспорт, оваа линија ќе им обезбеди на клиентите низа опции за поврзување на главните локации во Кина и Турција со широк спектар на услуги пред и по испораката до терминалот.
Три години откако ја воспостави интерконтиненталната железничка услуга од Кина до Европа, Maersk ја воведува оваа нова линија како резултат на зголемената побарувачка на различни локации од Азија и Европа.
Географската пооложба на Турција, силниот индустриски сектор, како и сите иницијативи кои турските власти ги преземаа за подобрување на железничката инфраструктура низ целата земја, биле исто така одлучувачки за да ја стартуваат оваа линија, од која ќе имаат не само компаниите кои работат во Турција, туку и оние кои имаат деловни активности во Азија и Европа.
Оваа железничка услуга, која ќе биде достапна на неделно ниво, е погодна за компаниите во автомобилската и технолошката индустрија, како и за оние во други сегменти на кои им е потребна брза испорака на пазарот.
Благодарение на добро поврзаниот железнички систем низ цела Турција, со новата железничка линија Maersk им обезбедува на своите клиенти врски со Црното Море, Источна Европа и земјите од Јужна Европа преку пристаништето Корфес во Измит, користејќи ја секундарната мрежа на Sealand, подружница на Maersk.